По 25 години брак се разведуваат Џеф и Меккензи Безос, и главна опсесија на сеирџиите е колку пари Меккензи ќе му скине на најбогатиот човек на светот.
Безос, сопругот, моментално со 137 милијарди долари се води како најбогатиот поединец, титула која по разводот речиси сигурно ќе ја изгуби, само не се знае колку ќе падне.
Парот Безос живеат во сојузната држава Вашингтон, која е една од деветте американски сојузни држави во кои сето она што е стекнато во брак - од недвижнини до приходи - се смета за заедничка сопственост. Ова во пракса значи дека нивниот имот може да биде поделен 50-50, за разлика од останатите 41 сојузна држава, каде имотот стекнат во брак не се смета за заедничка сопственост, освен ако тој не се води на двата сопружника.
Џеф го основа Амазон кога веќе е во брак со Меккензи, што би било основа за таа да побара половина од богатството на нејзиниот сопруг.
Доколку поделат 50-50, Меккензи би завршила (по денешен курс на богатство) со 68,5 милијарди долари, што е 23 милијарди долари повеќе отколку вредноста на актуелната најбогата жена на светот. Сегашниот шампион во женска конкуренција е Франсоа Бетенкур Маерс која поседува 33% од акциите на Лореал, а Блумберг ја проценува на 45,6 милијарди долари.
Иако се верува дека парот најверојатно немаат предбрачен договор, претпоставката е дека тие може да има нешто слично потпишано во времето кога Амазон почнува да прави милијарди.