Репортажа на Звонко Летица од Њујорк од 1966

Тука имаат дури 7 ТВ програми, тоа веќе станува дрога за гледачите

Ако некаде во светот телевизијата со опсегот на програми, техничка опрема и финансиски можности стана сила во општеството, дрога за гледачите и општа преокупација на нацијата, тогаш тоа сигурно е САД. Но сепак се сомневам дека на кое било друго место критиката на телевизијата е толку остра и незадоволна, беспоштедна и - немоќна. Американецот (статистички просек) минува третина од денот пред телевизија.

Педесетгодишниот Џејмс Дугал Нутал од некое калифорниско гратче една доцна вечер никако не можеше да ја оттргне својата жена од пред телевизор, па најпрво со секира го уништи уредот, а потоа и себе се застрела.


Седум програми

Њујорчаните имаат можност да бираат од дури седум програми, од 5 наутро до 3:30 следната ноќ, околу 120 до 140 часови програма на ден.

Во сабота во тоа изобилие на програми се емитуваат дури 23 филмови (проекции од 1937 до 1958), а во недела 21 филм (од 1926 до 1957).

Некогаш, во стари времиња, детето минувало километри до училиште, самото си правело играчки, мислело дека пени е цело богатство, летно време одело босо, носело кратки панталони се додека не пораснало доволно за да работи и сигурно знаело за само три дена во неделата: петок, сабота и недела.

Петок беше последниот ден на училиште, во сабота се бањал, а во недела свечено се облекувал и одел во црква.

Неговиот денешен врсник кого го возат два блока до училиште, добива веќе готови играчки, мисли дека пенито е доволно само за автоматот на паркингот, има чевли за секоја прилика, добива долги пантолони веднаш штом прооди, и е жив календар бидејќи секогаш знае кој ден во неделата е.

Како? Според телевизиската програма.


Наместени квизови

Чудно е колку е распространета телевизијата во САД, колкава моќ има на привлекување на просечниот гледач и колку е широка и лута критиката. Приговараат на досадноста, на просечноста, доминацијата на рекламните компании, изобилието вестерни, крими филмови, и демек духовити емисии, наместени квизови, програми од лесен жанр, и часови на програмска шуплина (што ги нарекуваат интелектуално гето).

Никој не беше поостар од Њутон Миноу, кој како директор на (немоќната) Федерална комисија за комуникации испука рафал (и кратко по тоа си даде оставка):

- Застанете пред своите програми и следете ја таа непрегледна пустина, бескраен низ на игри, во кои публиката ретко кога учествува, потоа стереотипни комедии, измислени семејства, крв, пукање, сакатења, насилство, садизам, убиства, негативци од Западот, благородни и позитивни луѓе од Западот, приватни детективи, гангстери, па повторно насилство и над сè досада. Вистина дека од време на време можат да се видат и емисии што вредат. Меѓутоа нив ги има сосема малку и сосема ретко. Ако мислите дека претерувам, погледнете ги своите програми.

Џејмс Фреи, неговиот претходник беше пократок:

- Американската телевизија потсетува на мртва скуша под месечина: сјае и смрди.

Како повеќегодишен гледач на американски телевизии, учесник во панел-дискусии, сведок на подготвувањето на документарни емисии (посебно добри се „Си-би-ес Рипортс“ и „Ен-би-си Вајт пејпрс“) можам само да им позавидам на условите за работа на американските ТВ работници.

Кога во една документарна емисија работам 4 до 6 недели сметам дека сум пребавен.

Хауард Смит и други Американци знаат по 6 до 9 месеци да работат на емисија, да речеме, за расните односи во некој град на југот, но тогаш тоа навистина е емисија!

Кога нешто важно се случува во Доминиканската република, Алжир, Кашмир, Хонгконг, Нигерија, Италија или Белгија, тогаш голема екипа го фаќа првиот авион за што попрво да се најде на местото на настанот.

ТВ новинарот во САД не стигнал пред камера само затоа што е евентуално убав. Тој мора да има пријатен глас, природност во однесувањето, добар и сопствен јазик, топлина и шарм.

И кога згора на сето тоа ја знае и работата, тогаш компанијата прави сè - од рекламирање во весници до испраќање на важни задачи - за од него да направи личност.

Важни се три предуслови - потсетуваат Американците - кои секој ТВ новинар во САД сака да ги исполни, ова се истите три што Аристотел им ги поставувал на говорниците пред 2300 години.

- Прво, „личната добрина“ или „карактер“ на говорниците „може да се нарече најефикасно средство за уверување што тој го поседува“.

- Второ, тој мора да знае како гледачите да ги доведе „во одредено „расположение“ стимулирајќи ги „нивните емоции“.

- Трето, тој мора да даде „доказ или очигледен доказ“ дека она што го зборува е вистина.

На американската телевизија на ова додаваат и уште неколку нивни барања. Окото на камерата, велат тие, мора да се концентрира на лицето на говорникот, неизмерно зголемувајќи ја секоја негова особина.

Тој мора да стекне контакт со публиката и кај нејзе да изгради доверба.

Затоа мора да има природно држење, отфрлајќи секаква наместеност и затегнатост, контролирајќи се себе си, аргументирајќи ги своите тврдења, да не доцира ниту да подучува, да избегнува говорни клишеа и фрази, да зборува лежерно, да не го учи текстот на памет и да вежба пред огледало.

 

Избор на облека

ТВ станицата ВРЦ во Вашингтон (како и многу други) има брошура со упатствата за секој што и барем еднаш ќе се појави пред камера. Првата реченица гласи:

„Изборот на облека за вашиот настап секогаш треба да биде направен со една цел: да го надополни вашето лице, а не да го фрли во втор план“.

Потоа следат 13 страници сугестии за облекување, модни производи, ситници, украси, шминка, висина на гласот, држење, правец на гледање, осветлување, помагала (карти, слики, дијапозитиви) и сл.

Американскиот ТВ новинар е многу зафатен човек. Неговата популарност и стекнатото име го обврзуваат што почесто да се појавува на ТВ и радио.

И најпознатите меѓу нив, оние кои секој ден на ТВ имаат информативна емисија (бидејќи истовремено се и спикери) од 15 минути, наутро имаат и емисија на радио, кога ги читаат и интерпретираат вестите.

Секогаш сакајќи емисијата да биде што подобро примена кај гледачите (анкетната агенција секогаш ова одма го проверува, врз основа на што се одредува и цената на рекламните спотови), раководителите на ТВ станиците се концентрираат на имиња.

20 луѓе може со месеци да работат на некој документарец, но новинар-личноста (иако комплетен „аутсајдер“) го добива готов текстот од конферансата што треба да го сними, па емисијата во текот на рекламирањето во печатот се поврзува со неговото име.

Чет Хантли и Дејвид Бринкли ја водат вечерната емисија на вести на Ен-би-си.

Со своето знаење, духовитост, лежерност тие постигнуваат најголеми можни оценки и веќе со години добиваат награди, а кај конкурентските компании предизвикуваат промени, затоа што и другите сакаат да најдат новинари со таков успех.

Волтер Кронкајт (Си-би-ес) од 1952 на седум партиски конвенции и три избори беше централниот новинар, кој со часови беше пред камера - ја водеше програмата, разговараше со други новинари, со нив анализираше некој настан и.тн.

Меѓутоа, успехот на Хантли и Бринкли на Ен-би-си беше поголем.

Заради тоа во 1964 - и понатаму сметајќи го Кронкајт за еден од своите најдобри луѓе - Си-би-ес одлучи на конвенцијата таа улога да му ја даде на Траут, новинар од 1932. Си-би-ес сакаше што повеќе да успее во така значаен момент.

Бидејќи, ТВ во САД (како и во низ други земји) е главна платформа, од која одредени политички партии можат да ги презентираат своите програми за нацијата.

Да се потсетиме на дуелот меѓу Кенеди и Никсон, кој обележа нова ера на ТВ во таа област.

Аналитичарите од тогаш наведуваат барем три причини за оваа појава.

- Прво, ТВ допира до широк круг на луѓе и подолго го привлекува нивното внимание отколку радиото или печатот.

- Второ, ТВ има предност благодарејќи на фактот дека многу луѓе претпоставуваат дека треба да веруваат во она што ќе го видат и дека она што го гледаат на ТВ е повистинито, постварно, и подоприливо од она што можат да го видат дури и во кинематографијата.

- Трето, луѓето попрво би гледале говорник на екранот на својот телевизор отколку да го слушаат на јавен митинг или да читаат негов текст во печатот.


Звонко Летица

(виа Југопапир)

7 мај 2018 - 12:08