Зеленото уште е сомнително

Доколку некоја компанија реши да вложи во еколошки одржливи репшенија, логично е да се помисли дека таа тоа ќе го разгласи на сите ПР ѕвона. А се случува нешто обратно: стануваат зелени и молчат за тоа.

Постои фабрика во Азија која троши само еден литар вода за да произведе еден пар фармерки. За споредба, за еден Левис просечно се трошат 364 литри вода.

Постои британски пазар за органска храна и пијалоци кој за една година има пораснато за 5,3% и вреди 2,2 милијарди фунти годишно.

Постојат две португалски винарии кои стандардната технологија тивко ја имаат заменето со органска. Дебело инвестирале во људство и технологија, ги исфрлиле пестицидите па со дронови и сензори мониторираат што се случува во лозјата и навреме реагираат, со средства кои не ја уништуваат почвата.

За сите овие случаи никогаш не се пишувало бомбастично, главно затоа што самите фирми така сакале. За нив дознава новинар на Гардијан кој се заинтересирал за темата зошто компании би оделе на одржливи варијанти а би молчеле за тоа.

Одговорот кој го добива од професори со кои разговарал е дека одржливоста и примената на еко решенија сè уште се дочекува со скепса, како нешто што или ќе го поскапи производот или пак ќе го намали неговиот квалитет.

Постои и можноста компаниите да не сакаат со своите одржливи практики да го вртат вниманието кон себе за да не предизвикаат љубопитност на јавноста за некои други нивни процеси и решенија кои не се баш најзелени.

Според една зелена алијанса од Британија, најдобрите произведувачи во земјата дури пет пати побрзо  ја подобруваат нивната енергетска ефикасност отколку просечните компании. Па сепак, овие лидери главно молчат за тоа, веројатно имајќи го во ум расположението на јавноста а тоа вели дека 45% од луѓето едноставно не им веруваат на големите бизниси.

19 септември 2019 - 12:31