Вселенски огледала ќе ни светат ноќе

Калифорниска компанија доби дозвола да тестира сателитски систем со огромни огледала кои ќе ги рефлектираат сончевите зраци за да осветлуваат населби или да напојуваат соларни централи ноќе. Ако тестот се покаже успешен, планот е во орбита да се распоредат 50.000 огледала до 2035 година. Зраците четири пати посветли од полна месечина би се изнајмувале за 5.000 долари за час.

Дозволата од Федералната комисија за комуникации му овозможува на стартапот Reflect Orbital до крајот на оваа година да го лансира својот пробен сателит Eärendil-1 во ниската орбита на Земјата. Кога ќе се постави на прецизна локација ќе отвори тенко огледало со дијаметар од 18 метри, кое по компјутерска пресметка ќе ги пренасочува сончевите зраци кон темната страна на Земјата. 

Пробното лансирање ќе овозможи собирање податоци за сателитот и неговото огледало, како и да ги провери безбедносните механизми за контрола на светлосните зраци, изјави Бен Новак, коосновач и извршен директор на компанијата.

Ако тестот помине успешно, Reflect Orbital се надева дека ќе лансира уште 1.000 сателити со огледала до крајот на 2028 година, а вкупно 50.000 до 2035 година. Најголемите од нив би имале ширина до 55 метри и ако се насочат кон иста локација би можеле да рефлектираат светлина кон еквивалентна на 100 полни месечини.

Секој поединечен зрак би бил четири пати посветол од полната месечина за оние што се наоѓаат во неговиот опсег од околу 5 километри, се заклучува во анализа на Европската јужна опсерваторија.

Планот на Reflect Orbital е да изнајмува осветлена површина за 5.000 долари на час на општини за осветлување населби или за соларни фарми за да можат да произведуваат струја ноќе.

Научници наведуваат десетици аргументи против поставување таков систем, од ризикот за заслепување на пилоти на авиони и попречувања на астрономски истражувања, до пореметување на биолошките циклуси кои влијаат на растот и ртењето кај растенијата, а кај животните и луѓето го регулираат спиењето и ослободувањето хормони.

Reflect Orbital одговара дека потенцијалните придобивки ги надминуваат негативните ефекти. 

Замислете ги бескрајните можности кога сончевата светлина не е ограничена од времето. Екипи за спасување би можеле ноќе да лоцираат исчезнато лице за неколку минути. Градови би имале побезбедни, рамномерно осветлени улици без емисии на јаглерод. Градежни проекти би биле завршени за половина од времето, ако луѓето безбедно работат и преку ноќ, соопшти компанијата во промотивниот материјал. 

Федералната комисија за комуникации ги отфрла критиките, истакнувајќи дека е фокусирана на користењето на радиофреквентниот спектар од сателитите за навигација и нема надлежност за прашања поврзани со животната средина.

21 јули 2026 - 08:19