Дарон Ачемоглу е професор од МИТ кој сака да нагласи дека нема ништо против вештачката интелигенција, само дека математиките не излегуваат во нејзина корист. После сите апокалиптични сценарија за комплетно преземање на неброени работни места од страна на ВИ, Ачемоглу тврди дека на крај само 5% од работите се зрели да бидат префрлени на ВИ во следната деценија. И ова е добро за работниците, ама лошо за компаниите кои истураат милијарди долари во технологијата од која се очекува да предизвика бум на производството.
„Многу пари ќе бидат џабе фрлени. Тие 5% нема да направат економска револуција,“ порачува Ачемоглу.
Тој е еден од најгласните ликови кои предупредуваат дека се претерало со лудилото што го има зафатено Вол стрит и високиот менаџмент во корпоративна Америка.
Иако последниве месеци почна да владее одредена нелагодност меѓу инвеститорите бидејќи кај инвестициите во ВИ многу повеќе ги зголемија трошоците отколку приходите во компании како Микрософт и Амазон, најголемиот дел од луѓето со пари и понатаму се подготвени да платат повисока цена за акции на компании вмешани во ВИ.
Ачемоглу предвидува три можни сценарија за иднината на ВИ. Во првото, и најбезболно, хајпот околу технологијата почнува да се лади и се враќаат инвестициите во останатите технологии. Во второто, лудилото продолжува уште една година и тогаш доведува до крах на акциите на технолошките компании. Третото, и најстрашно, е дека опсесијата со ВИ продолжува со години, тоа ги наведува компаниите да инвестираат милијарди долари во ВИ решенија без да знаат што прават, за на крај да се дадат во трка за повторно ангажирање работници откако ќе се разочараат во технологијата.
Според него најверојатен исход е некоја комбинација од второто и третото сценарио, бидејќи премногу директори на американските корпорации се исплашени да не го испуштат ВИ бумот, за возбудата околу технологијата да се намали во скоро време.
Во вториот квартал од годинава, само четири компании, Микрософт, Алфабет, Амазон и Мета, потрошиле повеќе од 50 милијарди долари на капитални инвестиции од кои најголемиот дел завршил за ВИ.
Својот став за неспособноста на ВИ, Ачемоглу го објаснува со тоа дека технологијата се уште има проблеми со стабилност и не поседува мудрост или процена на човечко ниво, заради што и е малку веројатно дека во скоро време ќе и бидат префрлени канцелариски задачи. Уште помалку ВИ ќе може да автоматизира физички работи како градежништво или чистење.