Уште некоја година имате фора да собирате праски во Грција

Овој пат не е ништо лично од Грците, туку доаѓа од малку подалеку, од Израел, каде инженери успеаа да состават дрон што собира овошје од дрвја.

Проблемот со собирањето овошје посебно ескалираше изминативе година и кусур, откако заради ковид-19 стандардно достапната евтина работна рака која сезонски мигрира во побогатите држави не можеше ни легално, ни нелегално да учествува во бербата.

Секако ова одлично легна како алиби за целата индустрија која радо би да има начин како непрекинато да може да ги бере овоштарниците кога ќе им дојде денот.

Решението што го извади израелската компанија Тевел аероботикс технолоџис се „летачки автономни роботи, кои користат вештачка интелигенција за идентификување и берење овошје“ а.к.а. дронови што берат овошје.

Првата предност на производот е што не се луѓе, па овоштарите не мора ни да ги третираат како луѓе, што значи дека може да работат 24 часови на ден, и дека во пикот на бербата не мора да се ценкаш за дневници и да се плашиш дали некој конкурент ќе им даде повеќе и ќе ги собере.

Во однос на знаење, дроновите се опремени со сензори и вештачка интелигенција поврзана на централен сервер, што ја скенира секоја една овошка и одредува дали истата е готова за берење. Сето ова неспоредливо го намалува отпадот и бројот на овошки кои заради немање работници завршиле скапани на земја.

Додека ја скенира овошката, дронот калкулира кој е најдобриот начин да и пристапи и да ја скине, а бидејќи сите дронови се управувани од една централа не може да се случи да се судрат. Од другите опции што го има уредот, е процена на овошката дали е целата здрава или има нешто удрено / скапано, па во согласност со тоа и ги сортира собраните овошки во различни гајби.

Од Тевел објаснуваат дека целта на роботите не е целосно да ги заменат берачите, туку да им помогнат и да ги надополнат. За сега.

Дроновите се нудат како услуга, им нарачуваш на Тевел колку ти требаат дронови за колку овошки, тие доаѓаат, го поставуваат системот и почнуваат да берат. За време на целата берба имаш евиденција за секоја собрана овошка, колку килограми и колку пари.

 

10 септември 2021 - 13:18