Тесла има нов роудстер и електричен камион

Елон Маск новиот Тесла роудстер го претстави како „најбрзиот сериски произведуван автомобил што некогаш е направен“ и тоа со бројки како 1,9 секунди од 0 до 100. За споредба, Тесла Модел С П100Д во „Ludicrous mode“ од 0 до 100 развива за 2,5 секунди.

Основниот модел има максимална брзина од над 400 км/ч и батерија од 200 киловат часови која нуди досег од над 1.000 километри.

Автомобилот има 4 седишта, и ќе биде достапен од 2020-та, по цена од 200.000 долари. Ќе има и посебна серија од 1000 возила (Founder’s Series) која ќе се продава за 250.000 долари парче.

Резервацијата на новиот Роудстер ќе чини 50.000 долари, исклучок е Фаундер серијата, за која резервацијата е полна цена од 250.000 долари.

Компанијата го претстави и Тесла Семи, камионот што беше ветен во планот на Елон Маск. Возилото исто така работи комплетно на струја, од 0 до 100 развива за 5 секунди, а максимален товар му е 36 тони. На угорница од 5% може да достигне брзина од 105 км/ч.

Со едно целосно полнење на батериите може да мине 800 километри „со брзина за автопат“, додека за половина час на Мегачарџер полни за досег од 640 километри.

Камионот има и опција за „конвој“, во кој првото возило служи за одредување на насоката на движење, а останатите можат да го следат без да бидат управувани од возач.

Една од карактеристиките е „регенеративно кочење“ кое им дава „во основа неограничен“ век на траење на кочниците.

За секој од камионите Тесла дава гаранција од 1,6 милиони километри без никаков дефект.

 

17 ноември 2017 - 12:04