Се нарекува Midjourney Scanner. Работи вака:
Влегувате во плиток базен со вода. Стоите на платформа која полека се спушта - околу пет сантиметри во секунда - низ прстен што содржи приближно половина милион мали ултразвучни конвертори, секој со големина на зрно песок. Секој од нив делува и како звучник и како микрофон, истовремено испраќајќи ултразвучни бранови низ вашето тело од секој агол и снимајќи го она што се враќа.
60 секунди подоцна, излегувате. Скенирањето е завршено, без зрачење, магнети, клаустрофобија, интравенски контраст. Само звук, вода и импозантна количина на компјутерска моќ - приближно 2 петафлопи кои обработуваат 17 гигабајти во секунда сурови акустични податоци - реконструирајќи 3Д мапа од целата ваша внатрешна анатомија до резолуција од половина милиметар.
Во моментов, добивањето детален поглед на вашиот кардиоваскуларен систем бара или компјутерска томографија (зрачење), МРИ (магнети, клаустрофобија, 45-60 минути) или коронарен КТ ангиограм (зрачење, интравенски контраст).
Тоа се се моќни алатки но освен што се непријатни се и реактивни, се добиваат кога лекарите се сомневаат во нешто. Скенирање од 60 секунди без зрачење би можело да се повторува месечно или квартално како би се следела срцевата структура со текот на времето, би се набљудувале промените во составот на телото, големината на органите, дистрибуцијата на течности или васкуларната архитектура пред да се развијат симптоми.
Компанијата планира 50.000 скенери низ целиот свет во првите шест години, со капацитет за милијарда скенирања месечно. Првата локација - „Midjourney Spa“ во Сан Франциско - се отвора на крајот на 2027 година со 10 скенери, покрај сауни, ладни бањи и теретана.
Самото скенирање чини неколку долари но прашање е колку ќе биде крајната цена со оглед на огромните пари што се вложени во развој на технологијата.