Во долината која е центар на технолошката моќ некогаш важеше правилото „мало е убаво“ а таа беше синоним за нови, агилни и спретни компании кои се мали но имаат визија и менаџираат моќни идеи и иновации кои можат да станат „следната голема работа.“ Децентрализираноста и флуидноста беа главните особини на Силициумската долина по која таа се разликуваше од претходните технолошки хабови во историјата.
Но, по заздравувањето од дотком поразот, успешните компании стануваат сè поприсутни и сè помоќни и тие почнуваат да го менуваат наративот дека малото е убаво. Бидејќи гигантите како Фејсбук, Гугл, Епл и Амазон по многу параметри веќе нагазуваат во анти-монополските сиви зони, тие својата големина ја правдаат со тоа што конкуренцијата е глобална, во неа главни конкуренти им се Кинезите а тие се големи.
„Тоа е обично лицемерие. Кога Гугл и Фејсбук беа стартапи, нивните главни луѓе тврдеа дека стартапите се добри. Сега кога се големи, нивните извршни луѓе тврдат дека огромните компании се добри. Цинично е тоа, иако не е неочекувано,“ пишува Алексис Мадригал во Атлантик.
Во меѓувреме гигантите го променија и својот концепт за истражување и развој. Наместо да излегуваат со нови продукти, тие се дадени на усовршување на процесите.
Во Силициумската долина веќе не може да се остане мал и успешен бидејќи таквиот поизвесно е дека ќе го проголтаат (купат) гигантите, така што мрежата веќе не е мрежа туку е октопод. Во Силициумската долина секогаш најдобро било да си основач. А најдобро што може да го направи основачот отсекогаш било да најде начин да ги замени оние кои таму биле пред него. Тоа денес веќе не е можно бидејќи големите се преголеми и го имаат капиталот со најголема специфична тежина: планини податоци за корисниците.