
Од атентатот врз Чарли Кирк минатата недела, брзо се проширија секакви теории. Убиецот се сместува и како про-трансродов активист иа како традиционалистички републикански мормон. И како левичарски антифа агент и како крајно десничарски екстремист.
Провеаја и теории дека Кирк бил убиен од оперативци на Мосад затоа што почнал да врти против Израел, луѓе детално анализираат видео снимки реконструирајќи патеки на куршумот и барајќи осомничени во луѓето од обезбедувањето на настанот.
Има и такви кои тврдат дека Кирк воопшто не е убиен, а целата ујдурма е специјална психолошка операција.
Во секој случај, и кога ќе излезе конечна официјална верзија на убиството, нема сите да бидат задоволни.
Засега може да се каже само дека кансел културата, не само што уште е жива и здрава, туку добива и - до вчера - неочекувани поборници.
Републиканците со години повторуваа дека левичарската кансел култура уништува животи и кариери заради „навредливи“ објави и дека тоа е и смешно и опасно и морално погрешно.
Изгледа веќе не е. Сега во залет се бучни кампањи на социјалните медиуми против секој што слави, минимизира или пак не успева соодветно да ја оплакува смртта на Чарли Кирк.
„Не ме сфаќајте погрешно, јас не сум обожавател на славење убиство. Објавувањето навивачки видеа за атентаторот се симптоми на пошироки општествени проблеми (привлекување внимание со шокантност, поевтинување на човечкиот живот...) но тоа не значи дека луѓето треба да бидат доксирани, малтретирани или отпуштени“, вели Кит Најтли во Офф-Гардијан.
Слободниот говор треба да важи и за ужасно несоодветни шали и за ужасно лоши луѓе.
Еден од поборниците на таквиот став долго време беше Илон Маск.
Сега тој е под жесток притисок да дигне раце од апсолутната слобода на говорот и да ги замолчи оние кои не се доволно тажни заради Кирк.
Уште од убиството на Џорџ Флојд, перформативното морализирање не било волку важно за некој да си ја задржи работата, пишува Најтли.
„Слободата на говорот не значи слобода од последиците“?
„Говорот на омраза не е слобода на говорот“?
Ова беа најапсурдните верглања на анти-либералната „либерална“ класа, кои сега одеднаш се прифаќаат од десницата. Уште еден пример дека двете „страни“ поддржуваат иста логика, само од различни причини. Инверзија на гаслајтингот.
Републиканец или демократ, под одредени околности, двата тима сега се согласуваат дека слободата на говорот не значи слобода да се кажат нешта што се морално погрешни или фактички неточни или... што и да е. А тоа во суштина е антитеза на слободата на говорот. Секој верува во слободата на оној говор со кој се согласува.
Иронично, самиот Чарли Кирк имаше одлична забелешка на оваа тема: