Леталото Phantom Twist создадено во лабораториите на Универзитетот Нортвестерн на човек му се чини невидливо врз сличен принцип како што статичните слики пуштени на кино-проекторите создаваат ефект на живи слики.
Перките на дронот ротираат по 25 пати во секунда – фреквенцијата која нивното движење го прави невидливо за очите на луѓето и за многу животни. На снимките од демонстрацијата леталото едвај може да се забележи, и тоа само поради тоа што човекот знае дека се движи по екранот.
Повеќето напори за криење на дроновите се фокусираат на камуфлажа во околината во која оперираат. Малкумина го проучувале нашиот принцип да дизајнираме невидлив дрон врз основа на начинот на кој луѓето го перцепираат, вели Мајкл Рубенштајн, професор по компјутерски науки и машинство на Нортвестерн и автор на проектот.
Процесот на дизајнирање бил целосно автоматизиран. Компјутерски модел генерирал близу 20.000 разни дизајни, кои биле анализирани и оптимизирани со алатка со ВИ. Најтешко било да се прикрие позицијата на моторот. Биле изработени неколку прототипи и биле тестирани на луѓе.

Главните компоненти на Phantom Twist се внимателно распоредени на доволно растојание една од друга, така што никогаш не формираат препознатлива форма кога се гледаат од кој било агол додека дронот ротира, а притоа тој е способен за стабилен лет. Мерења покажале дека е десет пати помалку забележлив од конвенционален квад-коптер. Видливоста на конструкцијата и на проводниците би можела да се намали со примена на потранспарентни материјали.
Можеби потежок проблем за инженерите е како на дронот да му најдат примена која не би била скришен надзор, шпионирање или улога на бојно поле.
Еден ден, овој дизајн може да се користи за целосно мирољубиви активности, како што е набљудувањето на дивиот свет, објаснува Рубенштајн.
Единствената слабост му е големата бучава. Тоа значи дека луѓето ќе знаат дека некој ги следи, но ќе мораат да се потпираат на слухот додека нишанат во натрапникот.