Се испили првото пиле од вештачко јајце

Биотехнолошката компанија Колосал успеала да изведе здрави пилиња од ембриони инкубирани во вештачка капсула наместо во јајце. Ова е прв чекор од амбициозните планови на „Колосал“ да ја врати во живот изумрената гигантска птица моа, за која нема соодветен сурогат. Сè уште нема такви планови, ама да потсетиме: и диносаурусите доаѓаат на свет од јајце.

Сите досегашни обиди за создавање вештачки јајца пропаднале затоа што не можело да се реплицира способноста на природната лушпа за размена на гасови без притоа да се загрози развојот на ембрионите. Природната лушпа има илјадници микроскопски пори преку кои навлегува кислород во јајцето, а се испуштаат влага и јаглерод диоксид. 

Додека се развива во јајцето и нема оформени бели дробови, ембрионот создава деликатна мрежа од крвни садови кои директно притискаат на внатрешната обвивка на лушпата, влечејќи кислород во крвотокот и филтрирајќи го јаглерод диоксидот.

Тимот на Колосал го решил овој предизвик со 3Д-испечатена решеткаста капсула со биоинженерска мембрана врз база на силикон, прилагодена да го имитира капацитетот за пренос на материи. Притоа ембрионот бил заштитен од физички оштетувања и инфекции.

Новата технологија овозможила на врвот од вештачкото јајце да биде поставен прозорец преку кој биле додавани хранливи материи и преку кој можело да се следи развојот на пилињата во период од неколку недели. Кога биле зрели, не ја пробиле самите лушпата, туку таа била скршена од надвор.

Технологијата е создадена за да помогне за оживување на џиновската моа од Нов Зеланд, висока 3,5 метри, која била истребена во периодот од 1380 до 1445 година по населувањето на Маорите од Полинезија. Се проценува дека јајцата на моата биле приближно 80 пати поголеми од кокошкини јајца и 8 пати поголеми од јајцата на ему, што значи дека не постои доволно голема птица што би можела да послужи како сурогат.

Авторите на технологијата за вештачки јајца тврдат дека можат да создадат доволно голема капсула во која ќе се развива џиновско пиле на моа.

За враќање на изумрени видови како џиновската моа не е доволна само реконструкција на антички геноми и уредување на герминативни клетки. Потребен е и сосема нов систем за инкубација, особено за случаи за кои не постои сурогат, изјави Бен Лам, директор и коосновач на Колосал биосајенс.

Компанијата од Тексас лани објави дека со геномски интервенции ги вратила „ужасните волци“ – вид што изумрел пред околу 12.000 години, а планира да ги врати и птицата додо, волнениот мамут, тасманискиот тигар и ретката антилопа - син бак. Проектот за враќање на џиновската моа е поддржан од инвестиција од 15 милиони долари од режисерот Питер Џексон.

Развојот на вештачка лушпа од јајца за птици е голем чекор кон лабораториска конзервациска биологија, не само за птиците, туку можеби, во иднина, и за други загрозени видови што положуваат јајца, изјави д-р Меган Дејви, развоен биолог во Институтот Рослин на Универзитетот во Единбург.

Види и: Почнаа со волк, ќе дотераат до Џурасик парк

20 мај 2026 - 12:47