За разлика од вообичаените микророботи, на овој помалиот со димензии од 200 х 300 х 50 микрометри, не му се потребни надворешни контролни системи со магнети и ласери за управување и носење одлуки. Експерти од Универзитетот во Мичиген користеле специјален полупроводник со низок напон за да изработат мал компјутерски процесор што троши 1.000 пати помалку струја од вообичаен чип.
Најголемиот дел од микророботот всушност се соларните плочи што го напојуваат со 75 нановати, енергија 100.000 пати помала од батерија на рачен часовник.
Конструирањето независни роботи со големини под еден милиметар е неверојатно тешко. Роботиката во суштина е заглавена во овој проблем 40 години. Направивме автономни роботи, ама 10.000 пати помали. Тоа отвора сосема нови димензии, вели Марк Мискин, доцент по електротехника и системско инженерство на Пен Инженеринг.
Конструкцијата на малите машини е тешка поради зголеменото влијание на физичките сили на отпор, како триењето и вискозитетот.
Ако се многу мали, низ вода се движат тешко како големи роботи низ катран, вели Мискин.
Затоа кај микромашини се избегнува конструкција на екстремитети, бидејќи тешко се вградуваат, брзо се кршат, а и немаат голема полза.

Новиот микроробот се движи слично како рибите, но без физички потези, туку со генерирање електрично поле што ги турка јоните во околниот раствор. Електричното поле може да се прилагоди за да овозможи движење во сложени шеми, па дури и во координирани групи, слично како јато риби, со брзина до една должина на телото во секунда.
Конструкторите тврдат дека при масовно производство, секој микроробот би чинел помалку од 1 цент. Имаат оперативен век од неколку месеци и може да се користат за да следат функции во клетки или на микропроцеси во производството. Роботите имаат електронски сензори кои можат да ја детектираат температурата до една третина од Целзиусов степен. Ова им овозможува да го следат здравјето на поединечните клетки.
Истражувачите сè уште се стремат кон вградување целосно интегриран безжичен систем за движење, кој нема се потпира на надворешен извор на светлина, за да може да се отстранат соларните плочи од микророботите.