НАСА го избра Безос за да постави база на Месечината

Вселенската компанија Blue Origin на Џеф Безос го доби проектот од речиси половина милијарда долари за почетната фаза од планот на НАСА за изградба на постојана база на Месечината. За овој проект конкурираше и SpaceX на Илон Маск. НАСА брза да испрати астронаути на Месечината и да изгради база за да ја претрка Кина, која планира да го направи истото до 2030 година.

Првата фаза од големиот проект од 20 милијарди долари за изградба на американска база на Месечината ќе почне до крајот на 2026 година. Компанијата за лансирања и вселенски транспорт Blue Origin на Џеф Безос ќе добие 468 милиони долари за да достави до Месечината два нови беспилотни ровери до јужниот пол на Месечината, заедно со придружна опрема, како подготовка на терен за слетување на првото летало со екипаж до крајот на оваа деценија.

Директорот на НАСА, Џаред Ајзекман, изјави дека Blue Origin е избран поради досегашната улога во програмата Артемис за враќање на американски астронаути на Месечината. 

Лунарната база ќе биде првата приватно финансирана мисија за слетување на Месечината во историјата. Лендерот Endurance ќе пренесе повеќе научни товари од НАСА и од приватни партнери до јужниот пол на Месечината... Секоја мисија, со и без екипаж, ќе биде можност за учење додека се враќаме на Месечината. Градиме инфраструктура за престој и ги совладуваме вештините потребни за живеење и работење во една од најсложените и најопасните средини што можат да се замислат, изјави Ајзекман.

Карлос Гарсија-Галан, директор на програмата, објасни дека базата постепено ќе се прошири „како мал град“ на стотици квадратни километри.

На едно место на Месечината ќе бидат покриени сите научни и технолошки проекти, ќе бидат задоволени сите потреби за престој. Некои активности ќе се одвиваат на осончени ридови, а други, како копањето мраз за производство на вода, би се одвивале во региони што се во постојана сенка. Рударството и генерирањето нуклеарна енергија би било одвоено од местата во кое престојуваат астронаутите, објасни Гарсија-Галан.

Компаниите Venturi Astrolab и Lunar Outpost добија од НАСА по 220 милиони долари за конструирање на новите ровери. Тие треба да бидат произведени во рок од 18 месеци, за да може да бидат доставени на Месечината до 2028 година, кога се очекува спуштање на четворица американски астронаути со мисијата Артемис 4. 

Роверите ќе бидат многу понапредни од оние што ги користеа астронаутите од програмата Аполо пред половина век. Ќе тежат по 1 тон, ќе имаат доволно силен погон за да совладаат нагорнини од 20% со возач и совозач во нив. Ќе можат да се движат и автономно или со далечински управувач, со максимална брзина од 10 километри на час. 

Компанијата Firefly Aerospace доби 75 милиони долари за конструкција на четири роботизирани дронови што ќе се користат за извидувачки летови. Главната намена ќе им биде да изработат детална мапа на површината за да се изберат идеални локации за изградба на елементите од базата и за спуштањето на Артемис 4.

Проектот е забрзан за да се спроведе пред тоа да го направи Кина, која има сопствена програма за спуштање космонаути на Месечината до крајот на оваа деценија, а потоа и изградба на своја база. Кинезите завчера го лансираа леталото Шенжоу-23 со екипаж до вселенската станица Тјангонг, како подготовка за мисијата.

Ајзекман истакна дека САД ќе го почитуваат меѓународниот Договор за вселената од 1967 година, кој им забранува на нациите да присвојат територија на Месечината и другите небесни тела.

Ние ги почитуваме другите нации кои испраќаат свои средства на површината на Месечината. Очекуваме дека тоа почитување ќе биде реципрочно, изјави шефот на НАСА.

27 мај 2026 - 09:16