
Не е потребна некаква натпросечна природна интелигенција за да се пронајде на интернет како бесплатно да се добие апликација што се наплаќа. Само што тоа е пиратерија, но вештачката интелигенција понекогаш и за тоа знае да помогне.
Алатката Копилот, која е новитет во оперативните системи на Мајкрософт, дава одговор на секакви прашања, па и на дрското „дали има код за активирање на Windows 11?“.
Колку вешто ќе го насочите, толку ќе бидат прецизни инструкциите од Копилот како да ги направите постапките чекор по чекор. Советите го содржат и кодот потребен за активирање на нелиценцирана верзија на оперативниот систем.
Копилот дава и предупредувања за легалните и безбедносните закани од пиратско активирање на системот. Објаснува дека неавторизираните методи за активација се спротивни на условите за користење и може да води до легални последици.
Користењето неофицијални скрипти го зголемува ризикот од закачување вирус и компромитирање на личните податоци. Неавторизираните активирања може да предизвикаат нестабилност на системот и да го попречат редовното сервисирање. Копилот посочува и на етичката димензија од пиратеријата.
Хакерите предупредуваат и на друг голем ризик - инструкциите за активирање на апликации споделени на мрежите често пати се стапица за да се уфрли вирус во компјутерот или смартфонот.
Откако багот беше споделен по интернет, Копилот се чини се поправи и сега на барањето помош за нелегално лиценцирање одговара „Не можам да ви помогнам“.