- „Илон, те молиме држи го интернетот подалеку од нашите мозоци“, пишува Парми Олсон во Блумберг, предупредувајќи дека ставање поврзување на мозочниот чип со интернет би била најризичната нус-појава на имплантот.
Чипот на Неуралинк наречен Телепатија е со големина на париче а деновиве беше вгнезден под черепот на човек. Има за цел да ја преземе контролата на вашиот телефон или компјутер, а преку нив и на речиси секој друг уред, само со размислување.
Звучи одлично, сè додека уредот не го приклучува мозокот на луѓето во оној Матрикс кој цица време и внимание а го нарекуваме интернет. Тоа би бил чекор предалеку во „конектираноста“.
Неуралинк е далеку пред своите конкуренти во однос на технолошката моќ. Додека ривалските уреди имаат приближно 16 електроди, имплантот на Маск има над 1.000 и не му треба поврзување со гломазна батерија која би се вградувала во градите на личноста.
Маск планира до 2030 година да чипира преку 22.000 доброволци.
Во последната деценија интернетот се трансформираше од место со модерирани форуми и конкретни веб-локации, во бучен хаос од алгоритми што ве мамат да кликнете на стотици други врски, додека социјалните мрежи ги цицаат луѓето во нивните „зајачки дупки “.
Замислете колку ќе биде потешко да се спротивставите на мамката на алгоритмите ако не треба ни да кликнете на глувчето за да отидете некаде. А за пет до десет години, интернетот ќе биде преполн со содржини вешто генерирани од вештачка интелигенција кои пак ќе бидат дел од хиперперсонализирани алгоритми кои ќе го влечат човекот каде сакаат.
Денешната тастатура и глушец делуваат како здрави бариери меѓу тоа да помислиме нешто и реално да го направиме тоа. Па пак се ловиме ко кленови. Без тие бариери, ќе нема крај на нашето талкање и месечарење по интернет.
Маск и неговиот Неуралинк сакаат да спречат идна апокалипса на вештачката интелигенција со тоа што ќе го направат нашиот мозок бионичен. Според неговата проценка дигиталната суперинтелигенција на крајот ќе стане толку моќна што ќе нè надмине, па затоа е неопходно да се воооружиме со дигитални паметни средства во нашиот лимбичен систем и неокортекс, за да се справиме со тој егзистенцијален ризик.