Ќе дочекаме ли ист полнач за сите уреди?

Епл се буни за воведување стандардизиран полнач за различни уреди бидејќи таа ставка им носи вагон пари, но ЕУ се чини дека е решена да воведе таква регулатива која би опфатила 15 видови уреди. Денес секој човек во Европа во просек има по три кабли и електронскиот отпад станува сериозен проблем.  

За да се намали акумулацијата на електронски отпад, сите производители на електронски уреди што се продаваат на пазарот на Европската унија ќе имаат рок до 2024 година да работат со единствена порта за полнење - USB-C модел.

Ова најмногу ќе влијае на Епл, компанија која со години форсира различни решенија, тврдејќи дека барањето за единствен полнач ги ограничува и попречува иновациите.

Кој сака нека им верува, но јасно е дека нови порти и кабли за секоја генерација производ е бонбона бизнис за компанијата која после заминувањето на Стив Џобс не извади ништо на рамниште на очекувањата од неа.

Во моментов, секој граѓанин на Европската унија во просек има најмалку три кабли за полнење уреди, од кои обично користи два.

Минатата година во ЕУ биле продадени околу 420 милиони телефони и други преносни уреди а Европската комисија проценува дека годишно околу 11.000 тони искористени кабли и полначи завршуваат во електронски отпад.

Директивата е договорена меѓу Советот на ЕУ, Европската комисија и Европскиот парламент, а ќе се однесува на 15 типа уреди, вклучувајќи мобилни телефони, таблети, електронски читачи, слушалки, дигитални камери, конзоли за видео игри и преносни звучници. Произведувачите на лап-топи ќе имаат дополнителен период за прилагодување од 40 месеци.

Кон крајот на првата деценија на овој век постоеја преку 30 различни влезови за полначи, додека денес најчесто се користат само три - оној на Епл, USB-C кој треба да стане стандард во ЕУ, како и неговиот претходник USB-B. Следните прописи во стандардизацијата на електронските полначи би можеле да бидат насочени кон бесконтактно, односно безжично полнење на уредите, кое би се одвивало преку „Wi-Fi“ или „Bluetooth“, но тоа нема да биде во блиска иднина.

За директивата ќе се гласа во јули.

 

 

 

8 јуни 2022 - 15:27