Ја снимаат колата, читаат сè за патниците

Со години, владите ја уверуваа јавноста дека читачите на регистарски таблички не се ништо повеќе од алатки за откривање украдени возила и за ловење опасни криминалци. Камерите што ги снимаат табличките сега може да добијат сензори што ќе можат да ги идентификуваат возачите и патниците и да откријат сè за нив преку нивните мобилни телефони.

Новата технологија SignalTrace, која од неодамна им е достапна на владините агенции во САД, ги вкрстува снимените регистерски таблички со бази од податоци од смартфони и паметни часовници, електронски уреди, системи за инфозабава и патни компјутери, сè до сензорите за притисок во гумите и микрочиповите во домашните миленици. Со други зборови, властите не само што ќе можат да следат каде поминал автомобилот, туку да откријат кој бил внатре, каде патувал, со кого и во кое време.

Целта е да се премости јазот помеѓу возилото и патникот, отворено се наведува во промотивните материјали од производителот Leonardo.

Системот создава уникатен дигитален отпечаток врз основа на податоците од вградениот автомобилски компјутер, а преку него и до мобилните телефони на возачот и патниците и на сите други уреди што некогаш биле поврзани преку блутут или ви-фи сигнали.

Независни репотрери демонстрираа дека тие податоци се доволни за да се реконструираат сите животни навики на потенцијалната цел – на која адреса живее и работи, како го поминува слободното време, каде бара медицински третман и со кого се дружи.

Во промотивниот материјал пишува дека SignalTrace ги собира овие податоци за да може да бидат пребарувани од страна на органите за спроведување на законот многу подоцна.

Кога повеќе уреди постојано се движат заедно со возилото, алгоритмите на SignalTrace ги поврзуваат со регистарската табличка и со податоците за локација. Оваа корелација им обезбедува на истражителите уште еден слој на информации, дури и ако осомничениот ја промени или отстрани табличката.

Leonardo им продава надградени камери и опрема за комуникации на служби за безбедност, на граничарите и на разни други владини агенции.

Слична технологија развива и конкурентот Flock, чии камери за снимање регистерски таблички веќе се поставени во сите сојузни држави во САД, освен во Алјаска.

Историјата постојано покажува дека владите никогаш не се откажуваат од алатките што ја зајакнуваат контролата врз населението. Денес целта се криминалците. Утре може да бидат политички противници, демонстранти, новинари или секој што го сметаат за сомнителен, предупредуваат групи за човекови права.

23 јуни 2026 - 11:26