Обсервер издвои листа со 12 „имигранти“ кои пристигнале во Америка како студенти, истражувачи, бизнисмени, дури и како бегалци, а потоа ѝ помогнале на САД да ја има водечката позиција во развојот на вештачка интелигенција. Нивните компаниите денес заедно се проценети на над 470 милијарди долари. Притоа не се сметаат нивните бизниси надвор од развојот на ВИ, како вселенските истражувања, сателитските мрежи и електричните автомобили на најбогатиот човек во светот.

- Илон Маск, основач на xAI; ко-основач на OpenAI и Neuralink
Роден е во Преторија, Јужна Африка, во 1971 година. Се преселил во Канада на 17-годишна возраст и студирал на Универзитетот Квинс, а потоа и во Пенсилванија, каде што изучувал физика и економија. Во 1995 година се преселил во Силициумската долина и накратко се запишал на докторски студии на Стенфорд, но се откажал по само два дена за да ја ко-основа Zip2, еден од раните стартапи за интернет. Подоцна ја ко-основал компанијата за онлајн банкарство X.com, која станала дел од PayPal. Државјанство на САД добил во 2002 година.
Маск е важен за ВИ затоа што во 2015 година помогна за основањето на OpenAI, како непрофитна противтежа на DeepMind на Google. Во 2018 година замина од OpenAI, а подоцна поднсе и тужба обвинувајќи ја дека се откажала од својата првична мисија. Во 2023 година ја основа xAI и го лансираше четботот Grok како конкурент на ChatGPT. Компанијата, со вредност од 250 милијарди долари, сега е дел од SpaceX, што му овозможува на Маск да ја поврзе вештачката интелигенција со својата поширока империја од ракети, сателити, социјални мрежи и системи за плаќање. Во меѓувреме, Neuralink го одразува неговиот долготраен интерес за поврзување на машините со човечкиот мозок.

- Илја Сутскевер, основач и директор на Safe Superintelligence
Сутскевер е роден во Горки (денешен Нижни Новгород) во Русија во 1986 година, израснал во Израел и како тинејџер се преселил во Канада. На Универзитетот во Торонто, студирал кај „кумот на вештачката интелигенција“ Џефри Хинтон и помогнал во развојот на AlexNet - револуционерната невронска мрежа што помогна да почне модерната ера на длабоко учење на моделите со ВИ. Работел во Google Brain.
Тој е еден од коосновачите на OpenAI, а подоцна и главен научник, кој управуваше со развојот на моделите GPT. По неуспешниот „пуч“ против Сем Алтман, го напушти OpenAI во 2024 година и го лансираше Safe Superintelligence заедно со Даниел Грос и Даниел Леви. И покрај тоа што нема ниту еден производ достапен за корисници, стартапот е проценет на 32 милијарди долари и привлекува инвеститори што се обложуваат на улогата на ВИ во иднината.

- Мира Мурати, основач и директор на Thinking Machines Lab
Мурати, родум од Валона, Албанија, како тинејџерка заминала да студира во Канада, а потоа и на Колеџот Дартмут во САД. Во Тесла била виш менаџер за производи и работела во Leap Motion, пред да се приклучи на OpenAI во 2018 година.
Брзо напредувала до позицијата главен технолошки директор на OpenAI и ја надгледувала работата на ChatGPT, DALL-E и Sora. Заминала во 2024 година за да ја основа Thinking Machines Lab, која гради „модели на интеракција“ дизајнирани да соработуваат со луѓето и истовремено да обработуваат аудио, текст и видео. Стартапот е проценет на 12 милијарди долари.
Целата листа од 12 имигранти што придонеле за развојот на американската ВИ е тука.