
Илон Маск тврди дека роботите и вештачката интелигенција имаат потенцијал да ја кренат десеткратно глобалната економија што би им овозможило на сите луѓе не само да имаат доволно средства да преживеат, туку и да живеат во изобилство.
Тој за главен двигател на економијата ги смета хуманоидните роботи, кои имаат „неограничен потенцијал“ за производство.
Би можеле да имаме глобална економија 10 пати поголема од сегашната, каде што никому нема да му фали ништо. Понекогаш за ВИ зборуваат за универзален основен приход. Мислам дека тоа всушност ќе биде универзален висок приход, каде што секој може да ги има производите и услугите што ќе ги посака, изјави Маск, говорејќи на саудиско-американски инвестициски форум во Ријад.
Најбогатиот човек на светот има има речиси утописка визија за иднината, во која секој човек на располагање ќе има личен робот, како симпатичните од „Војната на ѕвездите“.
Моето предвидување за хуманоидните роботи е дека ќе ги има десетици милијарди. Кој не би сакал да има личен C-3PO или R2D2. Тоа би било супер, изјави Маск.
Оваа изјава може да се протолкува и како бизнис-промоција. Неговата компанија Тесла го развива хуманоидниот робот Оптимус, за кој Маск тврдеше дека има потенцијал да го надмине бизнисот со електрични автомобили. Милијардерот ја има и компанијата xAI, која е меѓу водечките за развој на вештачка интелигенција.
Повеќемина лидери на водечките компании за вештачка интелигенција во изминатите неколку месеци предупредија дека ВИ за пет до десет години би можела да се изедначи и да ја надмине човечката. Тие предупредуваат дека мора да се изнајдат начини за да се контролира нејзиниот развој, за да не ѝ се дозволи таа да ја преземе контролата врз луѓето.
Маск прифаќа дека има многу ризици на патот до универзален просперитет.
Ако не го направите тоа како што треба, може да влезете во филм како „Терминатор“, наместо да стасате до просперитет каков што сè уште не можете ни да си го замислите, предупреди Маск.