Гугл гради уште три нуклеарки за да ја храни вештачката интелигенција

Вештачката интелигенција за појадок јаде по еден мегават струја. За една единствена генерирана слика се троши енергија како за полнење смартфон до стотка. Центрите во кои се обработуваат податоците за ВИ сега трошат струја речиси колку цела Франција. Мајкрософт прв купи нуклеарна централа. Веднаш потоа и Гугл, но малку му е една, па сега потпиша договор за уште три.

Гугл потпиша договор со Elementl Power за изградба на уште три нови нуклеарни централи за да ги задоволи потребите за огромните центри за обработка на податоци што ги користат моделите за вештачка интелигенција. 

Соработката со Elementl Power ја подобрува нашата способност да се движиме со потребната брзина за да го задржиме темпото на развој на вештачката интелигенција и американските иновации, изјави Аманда Питерсон Корио од Гугл.

Сè уште не е наведено каде ќе бидат лоцирани нуклеарките. Гугл се обврзал да инвестира во обезбедување дозволи, право на електродистрибуција и ангажирање подизведувачи за три проекти за „напредна нуклеарна енергија“. Дури кога ќе бидат завршени административно-правните работи ќе бидат усогласени деталите и финансирањето.

Ова не е првиот, а веројатно не е ни последниот нуклеарен проект на Гугл. Лани потпиша договор со Kairos Power за изградба на 7 нови нуклеарни реактори со енергетска моќ од 500 мегавати. Изградбата ќе почне во 2030 година, а реакторите треба да бидат вклучени во мрежата од 2035. (Види: И Гугл ќе гради нуклеарни реактори за да има струја за ВИ)

До тогаш енергијата што ќе ја цицаат центрите за податоци ќе достигне илјадници теравати. Извештај на Меѓународната енергетска агенција (ИЕА) покажува дека во 2024 година дата-центрите за вештачка интелигенција потрошиле 425 теравати енергија, а во 2030 година ќе трошат 945 теравати. Дури 80% од зголемувањето на потребите е за центри во САД и во Кина.

Центрите сега трошат енергија скоро колку цела Франција, а со проектираниот развој веќе в година ќе бидат петтиот најголем потрошувач на енергија во светот.

Нуклеарните реактори би требало да му помогнат на Гугл да го оствари и планот да го намали загадувањето на половина од она во 2019 година. Емисијата на јаглеродни гасови всушност е зголемена за 48%, а употребата на вода (за ладење на системите) е зголемена за 17%.

10 мај 2025 - 14:18