За разлика од Микрософт кои ќе стартуваат стара нуклеарка, Гугл го потпиша првиот корпоративен договор во светот за купување струја од напредни мали модуларни реактори, СМР, кои инаку се уште се во развој.
Договорот е потпишан со Каирос пауер, кои планираат првиот СМР да им биде во погон до 2030. Гугл наводно се согласил да купува струја од шест или седум реактори кои ќе бидат изградени до 2035.
Нуклеарната регулаторна комисија на САД дури минатата година прв пат сертифицираше дизајн на мал модуларен реактор. Процените на експертите се дека овие реактори најрано во 2030 ќе почнат да испорачуваат струја во американската енергетска мрежа.
Гугл тврди дека со договорот со Каирос пауер во енергетската мрежа на САД ќе влезат до 500 мегавати не-јаглеродна електрична енергија.
Во 2020 Гугл си постави цел целосно да работи на струја добиена од не-јаглеродни извори до 2030. Тие исто така ветија дека своето загадување ќе го намалат за половина до 2030, во споредба со 2019. Сепак, од 2019, вкупното загадување на компанијата е пораснато за 48%.
Амазон веб сервиси во април купи дата-центар кампус кој целосно е снабдуван од нуклеарна централа во Пенсилванија, а Микрософт потпиша договор во септември за враќање во погон на нуклеарката на Три милји островот.