Драгонфлај, како што е официјалното име на апликацијата што Гугл треба да ја пушти во Кина, освен цинкарење на своите корисници вклучува и забрана за пребарување на термини како „човекови права“, „студентски протести“ и Нобелова награда.
Дополнителна функција за која известува Интерсепт е дека апликацијата „фабрички“ е подесена да ги замени резултатите за временска прогноза и загадување на воздухот со податоци од кинески извори.
Гугл го нема потврдено постоењето на Драгонфлај и одбива да коментира на темата вон соопштението дека истражува како би можеле да пуштат пребарување во Кина, дополнувајќи дека не е ни приближно близу до лансирање на таков производ во земјата.
На страна официјалната позиција на Гугл, над 1.400 вработени на компанијата наводно имаат потпишано писмо во кое се бара повеќе податоци околу проектот, а во меѓувреме и еден од вработените на високи позиции во компанијата, Џек Поулсон, си даде отказ во знак на протест околу работењето на проектот.
Поулсон и други изразија загриженост дека дури и апликацијата фабрички да не ги поврзува пребарувањата со телефонскиот број, сериозен пропуст е што сите податоци од Драгонфлај се хостирани во Кина, каде што владините агенции ќе можат без проблем да им пристапат.
Гугл се повлече од Кина во 2010 кога беше откриен фишинг напад насочен кон активисти за човекови права. За сега во земјата се нудат сервиси како Гугл транслејт, меѓутоа пребарувањето и понатаму останува блокирано, и тоа нема да се промени се додека Гугл не ги изврши сите адаптации за пребарувачот да биде во согласност со правилата за цензура на кинеските власти.