Грешката во бирање на луѓе на Владата vs. луѓе од интернетот

Нивото на катастрофалност на пуштањето на Healthcare.gov беше импресивнo самo по себе. Ниту медиумите, ниту експертите или противниците не ни помислуваа дека на Обама може да му се случи таков дебакл.

Треба да се знае дека Обама не е директно виновен, бидејќи целиот проект го тераше Департманот за здравство. Меѓутоа подлабоката анализа покажува дека федералната влада во основа го има дадено проектот на истите огромни компании со кои тие соработуваат веќе подолго време, кои имаат долга историја на упропастени џиновски ИТ проекти и речиси никакво чувство за "нативниот интернет свет."

Меѓу компаниите се познати моќни имиња од Вашингтон, кои сериозно лобираат и донираат пари во политичките кампањи. На списокот се:

- Booz Allen Hamilton, познати по промовирање на опасноста од сајбер-војна, и по тоа дека го ангажираа Едвард Сноуден.

- Northrup Grumman една од компаниите со џиновски договори за американската војска.

- SAIC - компанијата која доби 380 милиони долари за да го преправи системот на ФБИ. Работата заврши со трошоци од 220 милиони долари над оригиналниот буџет, за по некое време целиот систем да биде батален и ФБИ да заклучи дека тој е бескорисен во борбата против тероризмот. Ова е истата компанија од која градоначалникот на Њујорк, Блумберг, бараше да врати 600 милиони долари, откако еден проект на градот кој оригинално требаше да чини 68 милиони долари, на крај беше наплатен 740 милиони долари.

"Како што го гледате списокот на Санлајт Фондацијата, таму се' се компании како овие: џиновски монструозности кои се блиски со владата. На листата се сите големи консултантски компании: Accenture, Deloitte, PricewaterhouseCoopers, McKinsey. Што недостасува? Во основа која било компанија со најмала трошка искуство во изградба и одржување на големи, јавни, веб базирани апликации. Листата нема ниту една 'интернет нативна' компанија," пишува Мајк Масник за TechDirt.

20 ноември 2013 - 16:56