Ѓаволски добра алатка на Мајкрософт за упад во приватноста

По една година дигитална рехабилитација, Мајкрософт повторно ја лансира алатката Рикол, како придружник на моделот со вештачка интелигенција Копилот. Алатката импресивно добро ја извршува својата функција. Снима буквално сè што се случува на компјутерот и комуникациите преку интернет. Ако тоа звучи како кошмар за приватноста, сомнежите се основани.

Мајкрософт конечно ја рестартира контроверзната функција Рикол ексклузивно за персоналните компјутери со оперативен систем Виндоус 11 и Копилот+, кои имаат специфичен хардвер оптимизиран за задачи со вештачка интелигенција.

Рикол беше промовиран пред точно една година, но многу брзо беше повлечен по реакциите дека премногу ја загрозува приватноста. Како што кажува самото име, на корисниците им овозможува да се потсетат на сè што правеле на својот компјутер. Ги копира сите слики од екранот и ги чува во база на податоци.

Базата лани не беше шифрирана. Ако хакер случајно упадне во компјутерот, ќе има на тацна сè што се работело на него.

На Мајкрософт му беа потребни 12 месеци за да ги закрпи дупките. Во декември беше откриено дека Рикол снима броеви од кредитни картички дури и кога е активирана опцијата „филтрирање на чувствителни информации“.

Новата верзија е зајакната со шифрувана база и опција за чување на снимките од екранот (порано ова беше стандардно и требаше да се деактивира). Но, се снима дури и комуникацијата преку интернет. Тоа значи дека вештачката интелигенција неселективно складира, обработува и анализира податоци на корисник што нема поим дека комуницира со машина со Рикол - фотографии, лозинки, медицински состојби, шифрирани видеа и пораки. Базата е заштитена само со едноставен четирицифрен ПИН.

За безбедносниот истражувач Кевин Бомонт највознемирувачко е колку е добар Рикол во индексирањето на сето она што го складира.

Техничките капацитети се импресивни. Од перспектива на приватноста, тоа е минско поле. Пред да комуницирате со некого, прво проверете дали користи персонален компјутер со виндоус 11 со активиран Рикол, советува Бомонт.

29 април 2025 - 08:57