Европа се откажува од трката за ВИ

Европските влади и Брисел се повлекуваат од амбициозните намери да развијат сопствени напредни модели со вештачка интелигенција за да стекнат технолошка независност. Пресметале дека е попаметно напорите да се пренасочат кон новата политика: Европа не треба да поседува свои модели сè додека не може да ги стави во функција американските и кинеските.

Европските лидери, вклучувајќи ја и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го признаваат технолошкиот пораз, но се обидуваат да го амортизираат со префрлање на фокусот кон тоа како индустриската и корпоративната база можат да извлечат максимална полза од туѓите водечки модели со ВИ. Убедени се дека оваа стратегија може да ѝ помогне на Европа да остане глобален фактор во време кога Америка и Кина се фокусираат на меѓусебната трка.

Стремежот да се изгради конкурентна гранична лабораторија во моментов се чини како пуста желба. Повеќе би сакал да вложуваме во начини како да ја искористиме технологијата отколку како да го стигнеме темпото на развој, вели Макс Јунестранд, извршен директор на шведската компанија Legora вредна 6 милијарди евра, која обезбедува алатка со ВИ за адвокатски фирми.

Новата стратегија е една од главните теми на денешниот самит за ВИ во Даблин, на кој учествуваат функционери и индустриски лидери.

Она што најмногу ги интересира сите е како да ја усвоиме новата технологија која веќе ја имаме... и како ќе ги охрабриме бизнисите да ја применат, изјави ирската министерка за ВИ, Ниам Смит.

Предизвикот е голем. Според податоците на Еуростат, на крајот од минатата година само едно од пет европски претпријатија користело ВИ во своето работење, со огромни разлики помеѓу земјите - во Данска 42% од фирмите, а во Романија само 5,2%. Слабите резултати на блокот главно се должат на малите и средните претпријатија, кои го сочинуваат најголемиот дел од европската економија. Минатата година, 55% од големите европски компании користеле напредна ВИ, за разлика од само 17% од малите компании, кои се ограничуваат на стандардни алатки наменети за конкретни задачи.

Некои функционери од Брисел ја отфрлаат идејата дека ЕУ целосно се откажала од обидите да стекне технолошка независност.

Напротив, сега го забрзуваме развојот на нашите сопствени системи. За Европа е од исклучителна важност да поседува сопствени модели... бидејќи е ризично да се биде целосно зависен од други земји, изјави еврокомесарката за технолошки прашања Хена Виркунен.

Артур Менш, извршниот директор на француската компанија Mistral, инсистира Европа да има свои модели, за да не заврши во „екстрактивна економија“ зависна од странски добавувачи.

Со новиот модел Large 4 значително ја намаливме разликата во однос на најдобрите модели во светот, користејќи многу помалку компјутерски ресурси од нашите конкуренти, објави компанијата.

Но, токму слабите перформанси на Mistral придонесоа за пресвртот во европската политика. Фирмата зад пребарувачот Ecosia, кој го користат германските владини служби, објави дека се откажува од францускиот модел и преминува на други со отворен код, вклучувајќи и кинески. Директорот Кристијан Крол како главни причини за загриженост ги наведе слабите перформанси, но и суверенитетот, со оглед на тоа што Mistral има инвеститори кои не се од Европа.

Самите вработени во Европската комисија неодамна го критикуваа како „целосно ѓубре“ софтверот Element Pro, кој беше воведен како замена за американскиот Microsoft Teams. Оценија дека Вашингтон „веднаш би ја добил војната“ ако одлучи да ја повлече својата технологија од Европа.

*****
Види и: Брисел се мачи со европската копија на Микрософт

ВИ во одбрана на шефицата

14 октомври 2026 - 10:10