Истрагата на оваа тема трае од јануари годинава а ја водела италијанската агенција за обезбедување конкурентност на пазарот. Утврдиле и докажале дека некои софтверски апдејти негативно влијаат на перформансите на уредот.
„Епл и Самсунг користеле нечесни комерцијални практики со нови верзии на оперативните системи да ја забавуваат работата на уредите со дел да ги охрабрат корисниците да купат нови телефони“, утврдиле италијанските анти-монополисти.
Ова е прва пресуда од ваков тип против глобалните технолошки гиганти. Во соопштението по пресудата се вели дека компаниите на своите корисници не им нуделе вистински информации за влијанието на новиот софтвер ниту пак им давале упатства како да го вратат стариот. А за понудените нови верзии на оперативните системи се утврдило дека предизвикуваат сериозни проблеми во работата и ги намалуваат перформансите, со што се охрабрувале набавки на нови телефони.
Пред некое време, корисниците на Галакси Ноут 4, Самсунг ги охрабри да го симнат новиот оперативен систем наменет за оние со седмица, по што на четворките брзо им стана јасно дека со новиот Андроид уредите им се за нигде. Ист е случајот со шестките на Ајфон кои го имаат инсталирано ИОС-от наменет за седмици.
По оваа ставка двете фирми се казнети по 5 милиони евра а Епл заработил дополнителни 5 милиони казна затоа што криел суштински карактеристики на литиумските батерии, вклучително нивниот век на траење, како се одржуваат и како евентуално се менуваат.
Ако истиов случај се реплицира и во Франција, казните ќе бидат далеку поголеми бидејќи таму е забрането намерно да се намалува векот на траење на производот за да се зголемува продажбата, паричната казна за тоа оди до 5% од вкупниот приход на компанијата а предвидена е и е затворска казна.
Епл минатиот декември призна дека со софтверски апдејти има намалувано перформанси на уреди со послаби батерии, но дека тоа било за нивно добро, за да се редуцира бројот на кршења на системот и ненадејни исклучувања на уредот.