Дали Кина ја доби најважната машина во светот?

Само Холандија и никој друг во светот ги прави машините за производство на напредните чипови кои се клучни за развојот на системите со вештачка интелигенција. Администрацијата на Трамп се сомнева дека до Кина веќе протекле доволно компоненти и знаење за да може самата да ги конструира најважните машини на светот и да ја загрози американската доминација.

Холандски технологии со векови го обликуваат светот. Во 17-тиот век, нивните иновации во финансиите и земјоделството ја поттикнале Индустриската револуција и ширењето на Британската Империја. Царот Петар Велики ја проучувал холандската бродоградба за да ја изгради морнарицата што ја претворила Русија во поморска сила во 18-тиот век. А во 1970-тите, пакистанскиот научник А. К. Кан украл технички цртежи од холандска лабораторија за да ја почне нуклеарната програма на својата земја и поттикна слични напори во Северна Кореја, Иран и Либија.

Администрацијата на Трамп тврди дека холандската експертиза повторно ја нарушува глобалната рамнотежа на моќ. Америка од 2019 година го блокира извозот во Кина на машините за литографија со екстремно ултравиолетово зрачење (EUV), кои се користат за производство на најнапредните чипови во светот. Овие машини ги произведува исклучиво холандската компанија ASML. Министерот за трговија на САД, Хауард Лутник изјави дека една од овие машини можеби завршила во Кина.

Невозможно. Никогаш не сме испорачале EUV машина во Кина, ниту пак сме испратиле таму какви било компоненти, модули или специјално дизајнирана опрема, тврди ASML.

Холандскиот министер за трговија Сјурд Сјурдсма при крајот на јуни го посети Вашингтон и лично го уверил својот американски колега Лутник дека се знае точната локација на сите 340 EUV-машини, вклучително и 26-те кои се повлечени од употреба. Само ASML може да ги транспортира чувствителните машини и постојано ги следи онлајн. Со компонентите во фабриките на клиентите управуваат инженери на ASML.

Луѓе запознаени со случајот го опишуваат тврдењето на Лутник како „непотврдено“, но „не и без основа“. Експертите од индустријата се согласуваат дека цела машина не била испорачана во Кина, но некои веруваат дека се доставени компоненти преку добавувачите на ASML или преку трети страни. 

Кина работи на развој на сопствена EUV-машина. Ројтерс во декември објави дека поранешни инженери на ASML помогнале за конструирање прототип, кој бил тестиран во лабораторија со високо ниво на безбедност во Шенжен. Поранешните работници се обврзани со договори за доверливост, но компанијата не може постојано да контролира каде се и што работат.

Според извештајот, прототипот не стигнал до фаза да произведува функционални чипови. Пекинг поставил рок до 2028 година. Експерти се убедени дека тоа е неостварлива амбиција и дека можеби ќе помине цела деценија пред Кина да добие функционална EUV-машина, но признаваат дека Кинезите напредуваат побрзо од очекуваното во речиси сите технологии.

САД се загрижени и од иновативната употреба на постарата литографија со длабоко ултравиолетово зрачење (DUV), кои веќе ги има во Кина. Извозот на DUV-машини и делови на Кина лани сочинуваше околу една третина од приходите на холандската компанија. Кинеските производители, како SMIC и Huawei, развија технологија што им овозможува со DUV-машини да прават логички чипови помали од седум нанометри – блиску до самиот врв во индустријата. Трошоците се повисоки и има поголем ризик од грешки во споредба со EUV, но ако Кинезите ги надминат овие проблеми би можеле да произведуваат милиони напредни чипови, кои ќе им помогнат да ја достигнат Америка во трката за доминација на вештачката интелигенција.

Со поддршка од двете партии, во Конгресот во Вашингтон во април беше предложен законот MATCH, кој би ја блокирал продажбата на холандски DUV-машини за Кина и би го ограничил сервисирањето и софтверската поддршка за машините што веќе се таму. Законот се повикува на Правилото за странски директни производи, според кое производители не смеат да прошируваат технологии за кои користат компоненти со потекло од САД.

Холандскиот министер Сјурдсма изрази загриженост поради заканата за екстериторијална примена на американските закони врз холандските компании. Тој забележа дека администрацијата на Трамп неодамна ѝ дозволи на американската компанија Nvidia да извезува во Кина напредни чипови H200, кои може да се произведат само со најновите холандски EUV-машини.

Секоја земја најдобро може сама да одлучи каква технологија треба да развиваат нејзините компании и какви се безбедносните ризици, вели Сјурдсма. 

21 јули 2026 - 15:07