Аналитичката фирма TrendForce проценува дека цените на лаптопите од средната класа, кои се во рангот од околу 900 долари, може да се зголеми за дури 40% до крајот на 2026 година.
Најголемите производители на лаптопи и телефони, вклучувајќи ги Microsoft, Samsung и Dell, неодамна почнаа да ги креваат цените и да повлекуваат поевтини модели од продажба.
Сони пред еден месец ја зголеми основната цена на конзолата плејстејшн 5 за 120 долари и според неофицијални извори размислува да ја одложи промоцијата на наследникот PS6. Микрософт лани ја зголеми цената на Xbox за 30 до 70 долари, во зависност од моделот. Поскапеа и основните цени на смартфони од Самсунг и други производители.
Производството на чипови и мемории не е намалено и има доволно материјали, вклучувајќи и ретки метали. Но, енормно е зголемена побарувачката заради вградување во огромните центри за податоци врз кои се потпира развојот на вештачката интелигенција. Фармите од компјутерски сервери се задвижуваат од огромен број мемориски чипови од најновата генерација. Веќе е откупен голем дел од производствениот капацитет за уште неколку години.

Освен тоа, понудата на процесори од пониска класа и на чипови што се користат во флеш-мемориите SSD е ограничена бидејќи производството е пренаменето на мемориски чипови од најновите генерации.
Тоа создава домино ефект во кој страда електрониката од која производителите извлекуваат помал профит – лаптопи, смартфони и други уреди од пониската класа. Аналитичари проценуваат дека мемориските чипови сочинуваат 30% од цената на евтин смартфон и 23% од цената на лаптоп од почетно ниво.
Наглото зголемување на побарувачката го намалува капацитетот на добавувачите да ги апсорбираат трошоците. Продажбата на лаптопите со ниска маржа е неодржливо. Очекуваме дека сегментот на компјутери од почетно ниво, со цена под 500 долари ќе исчезне до 2028 година, рече Ранџит Атвал, виш директор аналитичар во истражувачката фирма Гартнер.
Притисокот не се очекува скоро да заврши. Главните производители на меморија, Самсунг, SK Hynix и Микрон, градат дополнителен производствен капацитет, но повеќето нема да бидат во функција најрано до 2027 година. SK Hynix очекува моменталниот недостиг да продолжи до 2030 година.