Британците издвоиле „апсурдна“ една милијарда фунти за привремено исклучување на турбините на ветер. Само во 2024 година!
Британската енергетска мрежа е во постојана борба да се справи со енергијата што ја создаваат силните ветрови, па ветерниците низ целата земја мора да се „стишуваат“ за системот да се заштити од удари на вишоци.
На оние кои ги менаџираат турбините им се плаќа за исклучување на ветерниците во време на силни ветрови за да се запре напливот на моќност што ја преплавува мрежата - а домаќинствата и бизнисите тоа ќе го платат преку нивните сметки.
Во првите 11 месеци од 2024 година, трошоците за привремените исклучувања вртоглаво се искачија на сума од милијарда, надминувајќи ги 779-те милиони фунти од 2023 година и 945-те милиони фунти од 2022 година.
Податоците обелоденети од Octopus Energy, најголемата групација за обновлива енергија, ја покажуваат парадоксалната ситуација во која, од една страна, евтина енергија оди бадијала, а од друга, постојано се отвораат нови ветерни електрани ширум Британија.
„Застарените правила на нашиот енергетски систем значат дека огромни количини на евтина зелена енергија одат на отпад“, вели Клем Каутон, директор во Октопод.
Дава и пример: Британија им плаќа на шкотските ветерни фарми да се исклучуваат кога е ветровито, истовремено плаќајќи им на гасните станици на југот да се вклучат.
Октопод и други фирми бараат земјата да се префрли на регионален систем на цени, кој би мотивирал повеќе ветерни електрани да се градат поблиску до областите на кои најмногу им е потребна енергија.
Од друга страна, нивните планови најверојатно ќе доведат до тоа домовите и деловните субјекти на југот да плаќаат повеќе отколку оние на северот, што ќе се покаже како многу незгодно политичко прашање.
Според Операторот на националниот енергетски систем (Несо), трошоците за менаџирање на вишоците како што е исклучувањето на ветерниците, ако остане вака, се на пат да достигнат 6 милијарди фунти за пет години.