Амазон има 5.000 луѓе што работат само на Алекса

Ова не се луѓе седнати во масовен хангар па склопуваат и пакуваат уреди на Амазон, туку екипата која работи на развивање на виртуелниот асистент Алекса (Сири на Амазон).

На почетокот од минатата година Амазон имаше околу 1.000 луѓе кои работеа на уредот Ехо и на виртуелниот асистент Алекса. За годинава бројката е покачена на 5.000 само за Алекса.

Без разлика како ви звучи 5.000 луѓе, во рамки на Амазон ова е нешто повеќе од процент од вкупната работна сила на компанијата. Интернет гигантот моментално вработува 382.400 луѓе. Дури во 2012, речиси 20 години по основањето во 1994, Амазон го прими својот 100-илјадити работник, а од тогаш до сега отвори уште дополнителни 280.000 работни места.

И покрај овие 5.000, Амазон и понатаму за потребите на тимот на Алекса е во "агресивна потрага" по програмери, специјалисти за машинско-учење и научници за податоци.

Во моментов (септември 2017) тимот на Алекса има отворен оглас за вкупно 1090 работни позиции, лоцирани низ цел свет од Сиетл и Отава до Полска и Индија.

 

30 септември 2017 - 16:16