Ајфон ќе се врзува на Старлинк

Двете компании веќе тестираат Ајфони со капацитет да се поврзат на Старлинк сателитскиот интернет на Илон Маск, а неделава Епл објави апдејт за Ајфон со кој телефоните ја поддржуваат оваа технологија.

До сега само Т-Мобиле имаше наведено дека Самсунг моделите З Фолд и С24 имаат можност за поврзување на Старлинк, а Епл има опција за користење на сателитскиот интернет од Глобалстар, меѓутоа само за испраќање текстуални пораки и контактирање на итни служби кога корисник е вон покриеност со мобилна мрежа.

За соработката Маск на Твитер напиша дека со сегашната Старлинк технологија корисниците ќе може да разменуваат слики, музика и подкасти, а по идните надградби на сервисот ќе биде опфатена и поддршка за видео.

Старлинк конективноста важи за уредите со ИОС 18.3.

За сега само Т-Мобиле има почнато да ја нуди оваа услуга како тест и тоа на одредени „оптимизирани смартфони“ а кога ќе биде пуштена за масовно користење услугата ќе биде достапна на „најголемиот број модерни смартфони.“

Т-Мобиле во тестирањето вклучил и помал број корисници на Андроид со инсталиран Андроид 15.

Во тестовите, кога Ајфон корисник на Т-Мобиле ќе се најде во област без мрежа, самиот телефон автоматски ќе проба да се закачи на сателитите на СпејсИкс, а корисникот ќе може и да ја активира опцијата за испраќање пораки преку Глобалстар. Сервисот нема да функционира во области покриени со мобилна мрежа.

Тестовите и соработката меѓу Епл и СпејсИкс моментално важат само за САД.

30 јануари 2025 - 11:02