109 години старата традиција на задолжително служење војска во Шведска беше укината во 2010, а бројот на нови војници беше ограничен на 5.000 годишно, што е само 10% од дотогашниот просек. Во вторникот Швеѓаните објавија дека го враќаат воениот рок.
Реактивирањето се должи на потребата од "воена подготвеност" и тоа што откако во 2010-та е укината обврската Шведска има проблем да ја пополни потребната квота со волонтери.
"Руското нелегално анектирање на Крим во 2014, конфликтот во Украина и растечката воена активност во нашата околина се некои од причините," објаснува во интервју за Бибиси портпаролот на шведското министерство за одбрана.
Изминативе години Шведска ја обвини Русија дека нејзини воени авиони го нарушуваат шведскиот воздушен простор, и за агресивни активности на морнарицата во Балтичкото море. Првиот човек на шведското контраразузнавање обвини дека една третина од дипломатите во руската амбасада во Стокхолм се шпиони.
Во 2014 задолжителен воен рок повторно воведе и Украина, а следната година на иста мерка се реши и Литванија. Првата генерација нови регрути на Шведска ќе биде од машки и женски родени во 1999.