Во понеделникот Путин на Папата му задоцни 50 минути на официјално договорената средба. Овој пат, Путин имаше оправдание бидејќи пред неговиот хотел во Рим беше собрана група жени кои протестираа во знак на поддршка на Пуси Рајот.
Додека во Италија доцнењето мина релативно мирно во медиумите и кај домаќинот, во Јужна Кореја кога Путин му задоцни 30 минути на јужно-корејскиот претседател, тамошните медиуми беа бесни на Русинот. "Г-дин Путин бидете на време следниот пат," беше насловот објавен во весникот Кореа Тајмс. Во одбрана на бесот на Корејците, Путин задоцни затоа што по пат застана да разговара со еден џудист.
По инцидентот, рускиот вебсајт Slon.ru, им порача на Корејците дека не треба да бидат вознемирени бидејќи доцнење само половина час е "знак на најдлабока почит" од Путин.
До сега, владетелот на Русија во последните десетина години го имаат чекано:
- Кралицата Елизабета Втора во 2003-та - 14 минути.
- Германската канцеларка Ангела Меркел во 2012-та - 40 минути.
- Државниот секретар на САД Џон Кери, за време на разговорите за Сирија - 3 часа.
- Родителите на децата загинати во авионска несреќа во 2002-ра - 2 часа.
Најчесто доцнењето се должи на неговата деталност и педантност.
"Пред важни состаноци тој по два пати ги проверува изворите на своите информации, се задлабочува во темите, и како резултат на тоа доцни на закажаната средба," изјавил за Московски Космомолетс, анонимен извор близок на Путин.
Некогаш доцнењето има и политичка порака, како во 2012-та, кога Путин задоцни на преговорите за гас со украинскиот претседател Виктор Јанукович. Путин по пат застанал да разговара со некој пријател моторџија, за на состанокот да дојде со доцнење од 4 часа.
Дури и неговата поранешна сопруга, Људмила, во повеќе интервјуа изјавила дека Путин постојано и доцнел на закажаните состаноци во времето кога биле дечко и девојка.