Тунис претставува се што џихадистите мразат. Без сомнеж, ова е она што ги инспирираше нападите од средата во срцето на главниот град во кој загинаа 19 луѓе, од кои 17 странски туристи, и 40 беа повредени.
Не, Тунис не е која било мета. Неговата егземпларна природа едноставно не може да ја толерираат следбениците на овој крвожеден тоталитаризам што го нарекуваме џихад.
Земјата и она што таа го претставува е закана за нив. Таа е "контра-модел" што мора да биде срушен. Тунис докажува дека демократијата и муслиманската култура се перфектно компатибилни - концепт кој е комплетно неприфатлив за џихадистите.
Таа покажува дека муслиманска земја може да прифати модерен устав кој на жените им ги дава истите права како на мажите - неподносливо за сите оние варвари, чија мажественост е така лесно загрозена.
Тунис е отелотворување на прастариот вид на човечност што го има наследено низ историјата од античко време, и создава микс од повеќе културолошки влијанија со најдобар ефект - незамисливо за терористи кои тврдат дека делуваат во името на Исламот, а во основа се неспособни да се изразат себе си поинаку од стискање на чкрапалото на Калашот, по можност нанишанет кон цивили.
Заедно со економијата, која многу зависи од туризмот, ова се вредностите кои беа нападнати (свесно или не) во туниската населба Бардо, кога двајца терористи отворија оган на туристите кои се симнуваа од автобус на пред главниот археолошки музеј во градот.
Симболично, населбата Бардо е домот на најпознатиот музеј во Тунис и на државниот Парламент. Убијците ги гонеле туристите дури и во музејот. "Пукаа во се' што се движи," подоцна изјави еден сведок. Теророт траеше четири часа, пред полицијата да убие двајца од напаѓачите и да го уапси третиот.
Во Тунис има исламистички круг кој станува се поактивен во форма на герила во планините на западен Тунис, на границата со Алжир. Ама овие луѓе обично ја напаѓаат армијата; Тунис никогаш не бил сведок на напад од ваков размер насочен против цивили.
Според полицијата двајцата напаѓачи се два 20-годишни Тунижани. Дел од туниската младина е привлечена од џихадизмот и неговата смртоносна реторика: се верува дека неколку илјадници млади Тунижани моментално се борат за ИД или други исламистички групи во Сирија и Ирак, и дека околу 500 се имаат вратено од таму.
Проблемите во земјата исто така доаѓаат и од истокот, каде Тунис го чувствува товарот на хаосот што ја распарчува Либија.
Во ваква проблематична околина, Тунижаните имаат уште повеќе заслуги за тоа што и понатаму инсистираат на демократската транзиција која останува уникатна во арапскиот свет. Има и такви кои во 2011-та го започнаа движењето кое на крај го доби името "Арапска пролет." Тие извршија преврат на корумпираниот автократ, Зин Ел-Абидин Бен Али, и од тогаш, на секои слободни избори, ги инсталираат вредностите на демократијата во своите институции.
Тунижаните се јасно побивање на сите оние кои се колнат дека Арапите можат да бираат само меѓу два вида на владеење: воена диктатура или тиранија на Исламот. Ние треба да им помогнеме. Еден од начините да се направи тоа е да не го откажеме нашиот одмор во Тунис.