Животот пишува Борат

1.000 дози од вакцината Спутник V се уништени во Киргистан откако човекот на смена го исклучил фрижидерот со вакцините за да си го наполни мобилниот.

Среќна околност во целата работа е што на човекот телефонот му се испразнил кога дозите Спутник биле при крај. Првично во фрижидерот имало 20.000 дози.

Киргистан вакцинацијата ја започна во март и главно се одвива со дози од Синовак, меѓутоа далеку е поголема побарувачката за руските вакцини. Тамошното министерство дури кон крајот на мај го откри инцидентот кој инаку се случил во април во државната клиника во главниот град Бишкек.

Министерот за здравство на Киргистан изјавил дека најверојатно одговорен за инцидентот е хигиеничар во клиниката.

Киргистан со 6,4 милиони жители имаше речиси 102.000 лица заболени од ковид, и 1.735 починати од вирусот. Здравствените власти признаваат дека официјалните бројки не ја отсликуваат реалната слика со епидемијата во земјата.

3 јуни 2021 - 10:44