Жителите на Хонгконг ќе добијат „илјадарче“ бакшиш од власта

На секој постојан жител на Хонгконг на сметка ќе му легнат по 1.200 долари (10.000 хонгконшки долари) мала пажња од властите, според кои целта на гестот е малку од малку да пркне локалната потрошувачка (а не дека пуштаат рушвет за народ пак да не им протестира).

Парите се предвидени како дел од новиот буџет, и се дел од напорите за стимулирање на тамошната економија која со месеци страдаше од сериозни насилни протести, за од пред некое време да биде дотепана со појавата на коронавирусот.

„По внимателно разгледување одлучив да поделам по 10.000 хонгконшки долари на секој постојан жител на Хонгконг на возраст над 18 години, со надеж дека тоа од една страна ќе ја поттикне и засили локалната потрошувачка, а од друга ќе го олесни финансискиот товар на луѓето,“ изјавил секретарот за финансии на Хонгконг, Пол Чен.

Хонгконг има изработено пакет од 15,4 милијарди (американски долари) за олеснување на влијанието на протестите и коронавирусот врз економијата.

Освен жителите, посебни фондови за олеснување се предвидени и за сектори како угостителство и туризам, бизниси кои имаа сериозни проблеми во изминативе месеци.

26 февруари 2020 - 10:40