Завршната сметка на Нетанјаху

Како премиер има потрошено 24.000 долари за една година на храна за носење. Овие 66 долари на ден ги потрошил и покрај тоа што во резиденцијата има личен готвач. Бројките се од извештајот на државниот ревизор. Цела држава е на нозе заради ова.

Меѓу останатите ставки во извештајот се и: 68.000 долари за шминка и фризура во рок од 2 години, 1.000 долари за кауција за шишиња и 20.000 долари за чистење.

Извештајот инстантно предизвика скандал во Израел, и трошоците се објавени на сите можни насловни во земјата, како срамно луксузирање на премиерот.

"Ова е школски пример за тоа како и најмалите скандали можат да станат медиумски циркус...

... Бројките се големи, меѓутоа сериозни, криминални инциденти со корупција во израелската политика уште се паметат," пишува Дејвид Грем за Атлантик, потсетувајќи дека неговиот претходник моментално одлежува казна затвор заради корупција.

Негова процена е дека целиот скандал нема претерано да му наштети на Нетанјаху, затоа што и не му е прв пат да биде жив фатен. Пред 2 години беше откриено дека тој има 2.700 долари годишен буџет за сладолед (фстак за премиерот, француска ванила за сопругата).

Луѓето на Нетанјаху се обидоа да го решат проблемот со извештајот објавувајќи видео од прошетка низ куќата на премиерот, на кое требаше да се покаже неговата скромност. Следниот ден беше откриено дека скромната кујна претставена во видеото всушност е кујната на послугата на премиерот, а не неговата.

"Поплаките против Нетанјаху одѕвонуваат во израелската политика заради културолошките очекувања поставени од минатите генерации. Лидерите на левицата и десницата во првите децении од основањето на Израел, живеаа скромно. По неговиот мандат Бегин се повлече во скромен апартман во јужен Ерусалим... Тие не беа лидери кои можеше да бидат фатени како трошат илјадници шекели месечно од парите на даночниците за гурмански сладолед," пишува новинарот на Тајмс оф Израел, Хавив Гур.

 

19 февруари 2015 - 16:38