За нецела недела, двајца убијци меѓусебно оддалечени нешто повеќе од 2.000 километри одземаа 18 животи. А експерти кои ги проучуваат масовните убиства предупредуваат дека тоа допрва ќе се гледа како што животот се враќа во некогашните контури.
„Иако општата стапка на криминалитет опадна за време на пандемијата, пукањата, убиствата и домашното насилство се зголемија. Сега се враќаме на она што ни се случуваше и порано, безумни масовни убиства изведени од емотивно растроени луѓе чии фрустрации во меѓувреме само се акумулирале,“ вели Мајк Лоулер, професор по кривично право од Конектикат.
Последното масовно убиство Американците го имаа во февруари 2020 година а професори потсетуваат дека во претходната, такви трагични инциденти се случувале речиси секоја седмица така што „за жал, за САД е нормално масовно да се гине еднаш неделно“, вели друг професор од Њујорк.
За време на пандемиското затворање на дуќаните не само што се намалија метите за отстрел туку и останувањето по дома некогаш помогна на време да се забележат проблематични промени во однесувањето на блиските, како што беше случај на една мајка од Индијана која го пријави синот дека вооружен тргнал кон едно училиште.
Но, од друга страна, пандемијата на сите им донесе стрес и депресија па не секогаш може да се забележи кога нечија ментална состојба и намери се алармантни.
Фактот дека последните убиства се случија за само неколку дена никого не изненадува.
„Во сите вакви случаи силен е елементот на копи-пејст. Се работи за задоволување на егото. Секој од нив сака да биде најкрвавиот убиец, бројките им се битни на овие дечки,“ вели познавач на темата кој смета дека медиумите имаат огромна улога во подмачкување на овој механизам бидејќи придонесуваат кон фамата за нечија „озлогласеност“, етикета која не само што не им пречи на овие, по правило нарцистички ликови, туку им е многу пожелна.