
Зад решетки е секој 36-ти албански маж што престојува во Британија. Вкупно 1.999 албански државјани, вклучително и осудени поради убиства или членство во страшната балканска мафија што го контролира пазарот на дрога во Британија, беа зад решетки на крајот на 2024 година. Само три се жени. Според најновите статистички податоци, Во Британија живеат само 39.091 мажи родени во Албанија, наведува порталот MailOnline.
Во затворите во Англија и во Велс на крајот од минатата година имало вкупно 10.355 странски државјани. За споредба, зад решетки биле и 74.631 биле британски државјани.
Ториевски и реформски пратеници ги повикуваат владејачките лабуристи да објавуваат потранспарентни податоци за да му овозможи на Министерството за внатрешни работи да ги зајакне политиките за визи и депортација за престапниците од националности со повисока стапка на вмешаност во криминал.
Потребни ни се целосно отворени податоци: кој, од која земја и со каков статус е одговорен за криминал. Тоа ќе помогне да се направат одлуките кому треба да му биде дозволено да ја посети Британија, да престојува и да работи, вели Ричард Тајс, потпретседател на Реформската партија.
Тој бара итно да бидат протерани странците одговорни за криминал што „би заштедило пари од даночните обврзници и би ослободило места во затворите“.
Вкрстените податоци укажуваат дека уделот на странски затвореници од Албанија се зголемил седум пати во последните 15 години. Тоа се поклопува со периодот во кој безмилосните албански банди ја презедоа доминацијата во трговијата со дрога во Британија. Тие директно преговараат со колумбиските картели, ги истиснуваат противничките криминални банди и ги преплавуваат улиците со евтин кокаин.
Во тој период се зголемува и имиграцијата од Албанија во Британија. Во 2022 година со бротчиња во Британија илегално пристигнале 12.865 Албанци, а во 2024 година тие сочинувале 10,6% од сите странски државјани во затворите во Англија и во Велс.
Во времето на премиерот Риши Сунак беше постигнат договор со Тирана за трансфер на затвореници. Назад во Албанија беа депортирани 200 затвореници, во замена за 8 милиони фунти за модернизирање на албанскиот затворски систем. Новите лабуристички власти најавија дека ќе ја забрзаат процедурата за депортација на странски криминалци, за да не бидат на товар на британските даночни обврзници. Згрижување на секој затвореник чини по 40.000 фунти годишно.
Покрај дилањето дрога, албанските гангстери се вмешани во убиства, сексуални престапи, перење пари и шверц на луѓе, пишува MailOnline. Националната агенција за криминал со години предупредува на „значителна закана“ од албанските банди, озлогласени поради професионализмот и дисциплината, но и бруталните тактики со кои ја истиснуваат конкуренцијата.