Британски Телеграф порачува дека веројатно никогаш нема да има подобро време за Кина да ја нападне Русија, аргументирајќи дека како што сите се во Украина, веројатно само двајца стражари и куче го чуваат Владивосток.
„Ако Кина е вистински загрижена околу враќање на територијата, зошто не се фокусира на териториите што и ги отстапи на Русија во 19-от век, наместо на Тајван,“ пишува Џорџ Алисон во текстот за Телеграф.
Алисон објаснува дека ова прашање пред некое време го поставил претседателот на Тајван, Лаи Чинг-те, и дополнува дека веројатно за Кина би било полесно да зграби огромни делови од Русија, отколку да изврши инвазија на Тајван.
Прво и основно на што смета Телеграф е дека руската армија целосно е ангажирана во Украина, а дури и на границата со Украина со која се во војна, Русите немаат регуларна војска туку тазе регрути.
Продолжувајќи со својот крвнички есап, Телеграф прави и споредба која земја колку оружје има на располагање, во што Кина неспорно доминира што заради своето производство, што заради загубите што Русија ги има во војната.
Кина очекувано ја добива и војната на активен персонал и тоа речиси со двојна разлика. Идентично, во корист на Кина, завршува и споредбата на поморските и воздушните сили на двете страни.
Од друга страна Кина нема е ни приближно вака доминантна во однос на Тајван, посебно со цела американска армија зад него.
Да не биде дека нема повод војната меѓу Русија и Кина, Алисон дава и краток историски вовед кој би можел да послужи како причина за војната, објаснувајќи дека Чјинг династијата, тогашните владетели на Кина, во 19-от век биле присилени да и отстапат огромни површини територија на Русија по завршувањето на Втората опиумска војна, вклучително и Владивосток. Плус се уште има некои кошкања околу двете држави за тоа која територија од тој дел на сетот чија е.
Војната со Русија на Кина би и донела пристап и до Арктикот, за кој земјата се повеќе покажува интерес посебно по отворањето на Северната рута за бродски сообраќај, која за 40% ја скратува дистанцата за испорака на стока од Кина кон Европа. Доколку Кина го контролира Владивосток, таа би имала клучна улога на оваа рута и сериозно посилна позиција на Пацификот.
Изјавата на Путин дека неговите „мали“, помладите членови на неговото семејство, течно зборат кинески, Алисон ја толкува како доказ за неговата растечка потчинетост во односот со Кина.
Крајната порака на Алисон е дека „кинескиот пат кон поголемо влијание на Пацификот изгледа се помалку попречен.“