Војната во Иран им донесе 23,5 милијарди долари на енергетските тајкуни

Војната што Трамп му ја објави на Иран и ја загуби ги чинеше Американците над 100 милијарди долари, штетата во Иран е 270 милијарди, а во арапските земји близу 200 милијарди. Но, за некои, војната се покажа многу профитабилен бизнис. На тајкуните од големите енергетски компании секој нов ден од војната од 28 февруари па досега им носел по 300 милиони долари.

Сопствениците на најголемите енергетски компании во светот не се воодушевени од најавеното потпишување на договорот за крај на војната во Иран. Врвните енергетски барони од групата седум најразвиени земји во светот (Г7) во изминатите 110 дена од војната го зголемиле своето богатство за вкупно 23,5 милијарди долари, според извештај на организацијата Оксфам.

Конфликтот ги уништува земјите и чини безброј животи, но за некои е извонредно профитабилен, изјави  извршниот директор на Оксфам Интернешнел, Амитаб Бехар.

Нафтените шокови што произлегоа од блокадата на Ормускиот проток драматично ги зголемија цените на горивата, предизвикаа инфлација низ целата глобална економија и ги оптоварија семејните буџети на смртниците од САД до Јапонија и Кореја.

Програмата за развој на Обединетите нации во извештај од април предвиде дека како последица на војната уште 32 милиони луѓе ќе бидат турнати под прагот на сиромаштијата до крајот на оваа година.

Во исто време, само во периодот од 1 март до 18 мај, сопствениците на најголемите нафтени и енергетски компании во САД, Канада, Франција, Германија, Британија, Италија и Јапонија просечно добивале по вкупно 300 милиони долари секој ден, тврди Оксфам користејќи ја листата на милијардери во реално време на Форбс.

Ова е брутален систем што го прераспределува богатството нагоре по пирамидата - од работниците до акционерите, од најсиромашните до најбогатите, од оние со најмалку моќ до оние кои веќе имаат премногу од неа. Додека семејства прескокнуваат оброци, а владите ја намалуваат помошта што спасува животи, сведоци сме на гротескно трупање милијарди, вели Бехар.

Шесте големи нафтени компании - Шеврон, Шел, БП, КонокоФилипс, Ексон и ТоталЕнерџис - ќе го зголемат својот профит оваа година за 80% над предвоената прогноза. Заради споредба, просечниот раст на другите големи компании во земјите од Г7 е околу 8%.

Иако богатството на милијардерите од Г7 се зголеми за речиси 10.000 милијарди во изминатите шест години, овие земји ја намалија својата помош за најсиромашните за 48 милијарди долари. Тоа е еквивалентно на она што милијардерите го добиваат за само девет дена.

Оксфам ги повика земјите од Г7, освен САД, да создадат план за заштита на луѓето од економски последици предизвикани од војни и други спирални глобални кризи.

Земјите од „Г6“ можат да отпишат долгови. Можат да ги оданочат неочекуваните профити и екстремното богатство. Можат да им обезбедат помош на посиромашните земји. Одбиваат да дејствуваат само затоа што Вашингтон нема да им се придружи. Тоа не е дипломатија - тоа е кукавичлук и само ќе го забрза тонењето на Г6 во глобална ирелевантност, предупредува Оксфам.

16 јуни 2026 - 13:47