Војната испадна добра за руската економија

Војната во Украина не е добра само за американскиот воено-индустриски комплекс, како што обично во САД се правда масовното праќање оружје на Украина, од аспект на зголеменото производство и работните места во тој комплекс. Затоа што и Русија има воено-индустриски комплекс. ММФ сега тоа го признава и ги менува прогнозите за Москва. 

Меѓународниот монетарен фонд ја зголеми прогнозата за растот на рускиот БДП во 2024 година на 2,6%, од 1,1% како што му се чинеше во октомври.

ММФ вели дека промената го одразува посилниот од очекуваниот раст во 2023 година поради високите воени трошоци и приватната потрошувачка, поддржана од растот на платите.

Пред да ја нападне Украина и да се соочи со очекуваните санкции, Русија потроши години развивајќи економски план со имунитет од санкции, наречен „Тврдината Русија“, кој вклучуваше потези како што се создавање девизни резерви, намалување на долгот и развивање алтернативи за западните финансиски системи како што е мрежата за плаќања SWIFT.

Така испадна животот под санкции да не биде толку брутален како што се надеваа државите кои ја поддржуваат Украина, пренесува Кварц.

Иако останува да се види колку долго Русија може да го задржи ваквото темпо на својата економија (ММФ предвидува догодина растот да забави), во моментов ситуацијата се одвива прилично добро за Москва.

Пјер-Оливие Гуриншас, главен економист на ММФ, изјави за Фајненшл тајмс дека „ руската економија дефинитивно стои подобро отколку што ние и многу други очекувавме“.

 

1 февруари 2024 - 10:55