Вог ќе дели сендвичи

Уредниците на сите 19 изданија на Вог низ светот ветија дека никогаш повеќе во своите списанија нема да објавуваат суви манекенки или модели помлади од 16 години.

Во јунското издание на списанието, уредниците објавија декларација чија цел е да се промовира здрав имиџ во модната индустрија и меѓу читателите.

Во списокот од шест точки, се порачува дека списанието ќе се осигура дека манекенките посебно "помладите девојки," добро се третирани.

Вог ќе побара од модните агенти повеќе да не им испраќаат модели под 16 години, а задолжените за кастинг да ја проверат возраста на моделите пред да ги започнат сесиите или ревиите.

Тие исто инсистираат за создавање на поздрави услови за работа во бекстејџ, на моделите да им се осигури здрава храна и да се почитува нивната приватност.

Иницијативата е копија на постојните правила објавени од Советот на модни дизајнери на Америка и Британскиот моден совет.

На моделите под 16 години им е забрането да се појавуваат на модните недели во Лондон и Њујорк, а претходни главните уреднички на американскиот и британскиот Вог, ги критикуваа дизајнерите кои праќаат само мали броеви од своите модели, што според нив ја поттикнува праксата за ангажирање на премногу слаби модели.

4 мај 2012 - 11:17