Венецуела ги префрла своите златни резерви во Њујорк

Откако ѝ го грабнаа претседателот и ѝ ја собраа нафтата, САД сега ќе ѝ го чуваат и златото на Венецуела. Привремената влада во Каракас наскоро ќе ги префрли во Њујорк сите свои златни резерви што ги чува во Лондон. Ќе служат како залог за американските заеми и трошоците за обнова на земјата погодена од катастрофалните земјотреси.

Венецуелската влада и опозицијата се блиску до постигнување договор за префрлање на златните резерви на централната банка – вкупно 31 тон златни прачки во вредност од околу 4 милијарди долари - од трезорите на Банката на Англија во Федералните резерви во Њујорк.

Според условите на договорот, привремената влада на Делси Родригез би добила законска контрола врз резервите, но не би имала дозвола веднаш да го продава златото. Тоа може да послужи како залог за владини заеми и инвестиции, вклучително и за обнова на земјата по разорниот двоен земјотрес во јуни.

Доколку договорот се финализира, тоа би ставило крај на спорот во Каракас околу државното злато кој почна во 2019 година, кога САД, Британија и други влади го признаа опозицискиот лидер Хуан Гваидо - тогашен спикер на Националното собрание - за легитимен претседател. Опозицијата побара контрола врз златните прачки што Централната банка на Венецуела ги чува во трезорите на Банката на Англија. Спорот стигна и до Врховниот суд на Обединетото Кралство.

Откако американски специјални сили во јануари го грабнаа претседателот Николас Мадуро од неговата резиденција во Каракас, САД делумно ги укинаа санкциите за венецуелската економија. 

Во април, ММФ по седумгодишен прекин ја обнови официјалната соработка со Венецуела, што ѝ овозможи на владата во Каракас пристап до парите што се чуваат во оваа институција.

Венецуелската опозиција, а не САД, инсистирале социјалистичката влада на привремената претседателка Родригез да нема право да продава злато од Форт Нокс, за да се спречат злоупотреби во процесот на преговори за организирање нови избори.

Златото оди во САД, но Делси нема да има директен пристап до него. Тоа ќе биде под надзор и со ограничувања, изјави претставник на опозицијата вклучен во преговорите со посредство на Вашингтон.

Венецуелските златни прачки ќе пополнат дел од дупката што се отвори во американските трезори откако Холандија и Франција повлекоа голем дел од своите државни резерви.

Централната банка на Холандија во сложена операција од неколку месеци повлекла 86 тони злато од трезорите во САД и Канада и ги префрлила во Лондон и Холандија поради „зголемените геополитички тензии во Северна Америка“. Банката на Франција претходно продаде 129 тони злато што го чуваше во Федералните резерви во Њујорк.

******
Види и: Трамп ѝ ја зема нафтата на Венецуела
Холандија повлече 86 тони златни резерви од САД и Канада

18 септември 2026 - 08:15