Трамп ѝ ја зема нафтата на Венецуела

Пред есенските избори, Доналд Трамп е под сè поголем притисок поради неуспехот да го скрши Техеран и да го отвори Ормускиот теснец поради што цените на бензинот во САД станаа сериозен проблем. Пробаа со трошење на резервите но и тие почнаа да се тенчат, па на Трамп му текна дека во комшии има еден, веќе скршен „сојузник.“

Претседателот Доналд Трамп изјави дека неговата администрација склучила сеопфатен договор со Венецуела, кој на САД им дава пристап до огромни количини од неискористените резерви на нафта на јужноамериканската држава. 

За договорот преговарале државниот секретар Марко Рубио (морковот), министерот за одбрана Пит Хегсет (стапот) и ВД претседателката на Венецуела, Делси Родригез (магарето).

„Соединетите Американски Држави штотуку со Венецуела го склучија најголемиот нафтен договор во светската историја, напиша Трамп.

Владата на Родригез објасни дека договорот вклучува развој на 17 полиња со докажан потенцијал од 65 милијарди барели. Очекуваат 100 милијарди долари инвестиции во нафтената индустрија на Венецуела и над 209 милијарди долари акцизи за Каракас.

Родригез се надева дека тие пари многу ќе помогнат во темелна обнова на земјата.

Договорот им овозможува на САД да одберат приватен оператор во Венецуела за да создадат нова приватна компанија која ќе ги преземе резервите. 

Родригез на таа компанија ѝ доделила 100-годишни права за развој и експлоатација на нафтените полиња а од неа Америка ќе добива 55% од ефективното производство, удел во сопственоста и права за купување нафта по набавна цена. 

Договорот доаѓа девет месеци откако американската војска, по наредба на Трамп, спроведе операција за киднапирање на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро и негово носење во американски затвор, со обвиненија за наркотероризам и трговија со дрога.

На почетокот на август стратешките американски резерви на нафта паднаа под 300 милиони барели, што е за над 100 милиони барели помалку од почетокот на 2026 година. Војната меѓу САД и Израел против Иран доведе до драматично забавување на протокот на нафтата што се движи низ Ормускиот теснец, низ кој пред конфликтот минуваа околу 20% од светската нафта пред конфликтот.

Просечната цена на бензинот во САД дојде на околу 4,09 долари за галон. Во истиот период лани беше 3,21 долар.

29 август 2026 - 12:45