Џон Чикс на 6 јануари 2023 купува ливче за Пауербол, не го гледа извлекувањето меѓутоа веќе следниот ден кога проверува на сајтот на лотаријата неговата комбинација е добитна за 340 милиони долари. Комбинацијата е составена од семејни родендени и други бројки кои му значат лично.
Проблемите настануваат кога Чикс тргнува да го наплати своето ливче во Канцеларијата за лотарија и игри на среќа (ОЛГ), каде системот не го валидира ливчето како добитно, по што од вработениот таму му било речено „ливчево не чини, слободно фрли го во канта.
Како што обично бива кога нешто вреди 340 милиони, Чикс не го фрла ливчето, туку го става во сеф и најмува адвокат.
Целата работа стигнува до суд, каде организаторот на играта, Таоти ентерпрајзес, објаснува дека дента се правело тестирање на сајтот на Пауербоул во кое се менувала временската зона од Координирано универзално време на Источно стандардно време. Истиот ден во 12:09 тимот за тестирање на Таоти случајно објавил тест Пауербол броеви на сајтот на лотаријата, наместо на тест сајтот што го имаат и кој не е достапен за јавноста.
Од компанијата тврдат дека бројките кои се појавиле на сајтот не можеле да бидат точните бидејќи биле објавени пред извлекувањето. За нивна беља бројките останале уште два дена на страната пред тимот да ги избрише.
Адвокатите на Чикс објаснуваат дека компанијата се брани дека еден од нивните соработници направил грешка и ги објавил резултатите, меѓутоа „до сега немаат покажано докази за тоа.“
За случајов има судски преседан во САД и е од неодамна кога лотаријата во Ајова објави погрешни добитни бројки. Тогаш лотаријата одлучи да дозволи играчите кои ги имаат погрешно објавените бројки да ги задржат наградите. Наградите беа од 4 до 200 долари.
Шансите да ти се падне премијата на Пауербоул е 292,2 спрема 1.