Откако беше објавено дека Зеленски се подготвува да ја потпише регрутацијата на 500.000 Украинци, украинскиот министер за одбрана изјави дека таа ќе важи за сите мажи на возраст од 25 до 60 години, а за непочитување на поканата ќе следуваат казни. Меѓу повиканите ќе бидат и украинските мажи кои успеале да ја напуштат земјата а се регистрирани во други држави.
Министерот Рустем Умеров, објаснил дека регрутите однапред ќе бидат известени како ќе бидат обучени и опремени, каде и кога ќе служат и кога ќе им заврши рок. Тие ќе добијат и можност за да одберат задачи во согласност со своите способности и знаење.
Најголемиот дел од украинските војници на фронтот се верува дека се волонтери, од кои голем дел се борат без престан од почетокот на руската инвазија. Според украинскиот закон до сега можеше да се мобилизираат само мажи над 27 години, но помлади мажи можат доброволно да се пријават. Доброволците меѓу 18 и 20 години не смеат да бидат испратени на фронт.
Официјалните германски бројки покажуваат дека од почетокот на руската инвазија во Германија се пристигнати нешто над 220.000 Украинци на возраст од 18 до 60 години. Од нив речиси 190.000 се уште се регистрирани во земјата. Се претпоставува дека уште 100.000 Украинци нерегистрирани живеат во Германија.