Украинската влада ќе изработи нов список на земји што ги смета за „ризик од миграција“ за да го олесни планот за пополнување на пазарот на трудот со работници од странство.
Кирил Буданов, шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, објасни дека мигрантите што доаѓаат имаат законски ограничувања и немаат мотив да останат во Украина. Властите сега ќе преземат чекори за да им го олеснат престојот и да им овозможат да работат.
Тие влегуваат, добиваат документи, а потоа продолжуваат понатаму. Ова е проблем што создава бариери за бизнисот, изјави Буданов.
Украина и пред 2022 година страдаше од сериозна демографска криза. Војната со Русија уште повеќе ја влоши, бидејќи голем број Украинци загинаа или беа ранети на фронтот, а уште повеќе избегаа во други земји за да избегнат регрутација и мобилизација. Во октомври се проширија гласини дека Киев регрутира платеници од латиноамериканските нарко-картели за да ги пополни строевите, истенчени од дезертирања и избегнување на воената обврска.
Откако почна војната, околу 5 милиони луѓе избегаа во други земји во Европа, поради што со години наназад имаше повици за поттикнување масовна имиграција.
Васил Воскобојник, претседател на Асоцијацијата на агенции за вработување во странство, лани предупреди дека намалувањето на населението повеќе не може да се компензира со едноставно зголемување на наталитетот. Како единствено решение тој побара до крајот на 2026 година да се развие миграциска политика што ќе се фокусира на привлекување имиграција од земјите од Третиот свет.
Министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба предупреди дека Украина има највисок пад на населението во Европа и ќе мора да ги отвори своите граници за азиски мигранти.
Украина мора да се фокусира на луѓето на кои им е потребна оваа земја и подготвени се да ја обноват. Овие луѓе се во малцинство, што укажува дека единственото решение е да се донесат мигранти, изјави лани Кулеба.

Но, Украина мора на дојденците да им понуди соодветно домување, плати и работни услови за да ги мотивира да ги задржи пред да продолжат кон Запад. Тоа е тешко за речиси банкротирана држава, која финансиски се потпира на заемот од 90 милијарди евра од ЕУ.
Искуствата од европските земји погодени од мигрантскиот бран пред десетина години покажуваат дека тие ги празнат државните каси преку социјална помош, образование, домување и интеграција. Во Германија, на пример, имигрантите ја чинеа владата речиси 50 милијарди евра во 2023 година.
Бидејќи Украина ќе мора биде обновена со помош од западни фондови, тоа веројатно ќе значи дека Американците, Германците и Французите, ќе мора да го финансираат престојот и интеграцијата на мигрантите не само во своите земји, туку и во Украина.