Токму на политичките теми Варшава очекува поголемо разбирање - особено кога станува збор за историското соочување со масакрите во Волинија, каде што украинските националисти убија десетици илјади полски цивили.
Тие националисти сè уште се слават во Украина, додека Киев одбива да ги ексхумира телата на убиените Полјаци, што наидува на чудење кај полскиот министер за надворешни работи Сикорски:
„Украина се согласи на погребување на 100.000 војници на Вермахтот. Нашите мртви и ранети не треба да се третират полошо“.
Уште поголеми се недоразбирањата на актуелните теми: полската забрана за увоз на украинско жито од една, и од друга, барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Полска да помага повеќе и да пресретнува руски ракети дури и над украинска територија.
„Варшава бара само изговор да не испорача дополнителни борбени авиони, рече Зеленски во октомври.
На тоа имаше јасен одговор од Полска.
„Со ваквите изјави Зеленски сака да ја вовлече Полска во војна против Русија“, изјави полскиот вицепремиер Кшиштоф Гавковски. „Наша должност е да ѝ помогнеме на Украина да опстане и да победи во војната, но не да ја вовлекуваме Полска во војна против Русија“.
Промената на расположението се чувствува и кај населението. Само нешто повеќе од половина од Полјаците би продолжиле да примаат бегалци од Украина, но речиси две третини сакаат да им помогнат само на оние кои доаѓаат директно од руските окупирани територии.
Тензиите се очигледни а тие се добредојдени за еден човек: шефот на Кремљ, Владимир Путин.